1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западот ги критикува изборите во Русија

Cutanoski, Goran3 декември 2007

Во првичните реакции на Западот на парламентарните избори во Русија преовладува критика на изборниот процес, но и на предизборната кампања.

https://p.dw.com/p/CW0B
Путин со сопругата:гласачите го избраа,во странство го критикуваатФотографија: AP
САД ги повикаа руските власти да ги испитаат извештаите за наводни нерегуларности за време на вчерашните парламентарни избори. Портпарол на Белата куќа изјави дека тие уште пред гласањето биле загрижени поради односот на властите кон опозицијата, нефер известувањето на државните медиуми, како и огромната државна помош што ја доби партијата „Единствена Русија„ со тоа што на чело на нејзината изборна листа застана Претседателот Путин. И ЕУ го критикуваше текот на парламентарните избори во Русија. Еврокомесарката за надворешна политика Бенита Фереро Валднер денеска во Берлин порача дека Европската комисија во ваквата оценка не се ориентира само според вчерашните настани пред изборните кутии и преборјувањето, туку ги зема предвид и кршењата на основните права за време на кампањата. Валднер исто така посочи дека со натамошната оцена на изборите сака да причека додека да стигнат извештаите на набљудувачите на Советот на Европа, како и на пратениците на ОБСЕ, кои допатуваа во Русија. Таа уште еднаш нагласи дека жали што ОБСЕ го повлекла мандатот на официјалните набљудувачи, поради - како што беше нагласено - „опструкцијата од страна на руските државни институции„ спроти изборите. Заменик претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ Кимо Киљунен денеска изјави дека имало преголемо мешање на владините и партиските структури во Русија. Многу е проблематично што и Претседателот на државата и гувернерите фигурираа како кандидати на владеачката партија при изборите, порача Киљунен во денешната оценка на изборите. На изборите во Русија присуствуваше германската пратеничка Марија Луизе Бек, која требаше да биде набљудувач на ОБСЕ. Таа со оглед на критериумите на ОБСЕ оцени:
„Ако ги земеме предвид транспарентноста, еднаквоста на шансите, еднаквоста во пристапот кон медиумите исл, тогаш сметам дека овде не може да станува збор ниту за фер, ниту пак за слободни избори„ – порача пратеничката од редовите на германските Зелени, Марија Луизе Бек.
И Претседателот на комисијата за надворешна политика на германскиот Бундестаг, Рупрехт Поленц од ЦДУ го критикуваше текот на изборите во Русија. „Ова не беа демократски избори во западен манир“, изјави Поленц за Дојче Веле.