1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Западен Балкан - пазар на иднината?

23 октомври 2011

Во рамки на амбасадорската конференција „Инвестиции и можности за соработка во и со земјите на Западен Балкан“ во Келн неодамна Австриската бизнис агенција ги подели своите искуства со германските инвеститори.

https://p.dw.com/p/12ruT
Учесниците на конференцијата за инвестиции на Западниот БалканФотографија: Frank Friese

Австрија рано го спозна потенцијалот на пазарите во ЈИЕ. Од почетокот на 1990-тите години земјата инвестира во овој регион. Географската близина и историската традиција беа поволни за економските односи, објаснува Фридрих Шмидл, директор на Австриската бизнис агенција. Неговото искуство со регионот е главно позитивно. Тој на заинтересираните германски инвеститори им советува:

„Не гледајте во далечините, доброто се наоѓа блиску до вас. Одете во ЈИЕ, таму ќе најдете вредни луѓе, добро обучени луѓе. Тоа се интересни пазари, пазари на иднината“.

Зачекорувањето на нови пазари, меѓутоа  е поврзано со ризици, тоа го знае австрискиот претприемач Ханс Рот. Со неговата фирма „Заубермахер АГ“, која работи во сферата на отстранување и рециклирање на отпадот, тој уште од почетокот на 1990-тите експандира во некои земји на ЈИЕ. Рот објаснува дека една од причините била заситениот пазар во Германија и Австрија, а од друга страна во дел од поранешните комунистички земји постоела потреба од ноу-хау во оваа бранша. При експанзијата имало и проблеми:

„Се разбира, поради структурата, поради минатото, имаше недостиг на техничка опрема. Недостигаше капитал, но и свест за заштита на животната средина, или пак не се знаеше што треба да се преземе и како“.

Обединети адвокати за решавање на проблемите

Во дел од земјите кои не се дел од ЕУ имало и дополнителни проблеми. Правната држава не е добро зацврстена, политичкото влијание врз одлуките на фирмите е големо.

DW-TV Made in Germany 31.10.2002 Bosnien Papierfabrik Arbeiter
Во ЈИЕ има добро обучени работници, велат инвеститоритеФотографија: DW

„Има градови во кои во 1990 година почнавме со работа, а каде градоначалникот беше сменет по пет пати. Како во такви услови да се спроведе договореното?“

Меѓу другото, тоа се причините зошто австрискиот претприемач по седум години се повлекол од албанскиот пазар. „Заубермахер АГ“ во моментов е активна уште во Хрватска, Романија, Словенија, Чешка и Унгарија.

За решавање на проблемите на претпријатијата, австриските и германските адвокатски канцеларии се обединети:

„При секоја експанзија, при секоја зделка која ги надминува границите на земјата, неизбежно се доаѓа во допир со друг правен поредок“, вели Матијас Рајф од адвокатската канцеларија „Бриџхаус Ло Колоун“. Токму тука е потребна помошта на колегите.

Производството е лек

За да ја подобрат климата за инвестирање, многу држави на Западен Балкан се обидоа да ги подобрат законските рамки. Во многу земји странските и домашните инвеститори се ставени на еднакво ниво, даночните оптоварувања се помали отколку во Западна Европа, нагласуваат дел од амбасадорите на западнобалканските држави.

Symbolbild Geld zählen
Даночните оптоварувања се помали отколку во Западна Европа, нагласуваат дел од амбасадорите на западнобалканските државиФотографија: Fotolia

Откако големите претпријатија како Телеком, РВЕ или Сименс „фатија корен“, време е за привлекување на средните претпријатија, пред се од производствената сфера, нагласи хрватскиот амбасадор во Германија, Миро Ковач. Тој подвлекува дека во време на должничка криза пред се‘ едно стана јасно...

„Онаму каде што нема доволно производство, каде доминираат секторите на јавни услуги и финансии, таму е потешко да се излезе од економската криза“.

Според македонската амбасадорка во Берлин, Корнелија Утевска-Глигоровска, за напредок на регионот е важна поврзаноста на пазарите.

 „Добро да се разбираме е предуслов за мирен соживот и постојан пораст. Изминатите години ни‘ покажаа дека е неопходно регионално да се поврземе, некој констатираше дека премногу регионално сме поврзани и дека во тоа инвестираме многу енергија, но тоа не може да ни‘ наштети, туку може да има само позитивни ефекти.“

Автор: Ангелина Вербица / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска