1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Loriot Nachruf

24 август 2011

Почина големиот германски хуморист, Лорио. Многумина се смееја од срце на неговите скечеви. Лорио како никој друг знаеше да ги карикира меѓучовечките односи.

https://p.dw.com/p/12Mpy
Неуморен сатиричарФотографија: picture alliance/dpa

Секогаш изгледаше малку скромно и на прв поглед дури срамежливо. Можеби токму тоа фасцинираше генерации Германци кај Лорио. Со целосна сериозност на лицето редеше една по друга смешна нумера, беше вицкаст, итар, комичен.

„По што се разликуваат уметниците-сликари од карикатуристите? Одговорот е изненадувачки недвосмислен, сликарите понекогаш си сечат уво, карикатуристите не“, иронизираше еднаш Лорио за пресеченото уво на познатиот сликар Винсент Ван Гог.

Карикирање на секојдневниот живот

Лорио или Вико фон Било без сомнение беше еден од најголемите германски хумористи. Тој сликаше, снимаше телевизиски скечеви, зад себе остави и два кино-филма. Неговите книги со сатирични изреки и текстови достигнаа милионски тиражи.

„Потресувачко е тоа што луѓето всушност не се менуваат. Затоа, барем што се однесува на хуморот, човек може да прави што сака, а тоа секогаш пали“, велеше Лорио.

Deutschland Humorist Loriot Flash-Galerie
Лорио и неговата телевизиска партнерка Евелин ХаманФотографија: Picture-Alliance/dpa

Типично за неговиот хумор: тој ѕиркаше кај Германците зад завесите, беспоштедно ги разоткриваше фиданките на малограѓанштината. 

Сосем нормалните сцени од животот кај Лорио беа карикирани до апсурдност. Незаборавна е сцената на еден пар при романтична вечера - тој си ја брише устата со салфетка и ненадејно на неговото лице виси парче шпагета. Таа сака да му го каже тоа, но тој со заповеднички тон ја тера да прекине, всушност, сака да и‘ изјави љубов, не забележувајќи ја шпагетата која преку неговите движења на рацете шета по неговото лице, а тој не го забележува очајниот поглед на својата партнерка.

Успешна кариера

Лорио е роден во 1923 година во Бранденбург како Бернард Виктор Кристоф-Карл фон Било. Родителите рано му се развеле, па тој со брат му растел кај бабата и дедото. Учествувал во Втората светска војна, го преживеал Источниот фронт, добил дури орден - Железен крст. По војната бил дрвосечач, потоа завршил матура и студирал сликарство и графика во Хамбург. Рано го зел своето уметничко име Лорио, што е француски збор за еден вид птица, Златка или златна саријазма, која ја содржел грбот на семејството Фон Било. Лорио наскоро направил кариера со своите карикатури во „Штерн“, „Велтбилд“ и „Квик“, а од 1976 година започнува неговиот успех на телевизијата со неговата телевизиска партнерка Евелин Хаман. Нивните шоуа се легендарни, до денес многумина Германци ги знаат напамет.

Deutschland Humorist Loriot Flash-Galerie
Фотографија: picture alliance/Eventpress

Но, и самиот Лорио уште пред 20 години призна во едно интервју дека сепак не би можел да се шегува за својата смрт.

„Во растечки размер ме обзема мислата дека наскоро нема да ме има, а тоа сигурно не е комично“, рече Лорио тогаш.

Тој умре вчера (22.08.2011) на возраст од 87 години во Амерланд, на езерото Штарнбергер. Зад себе ги остави сопругата и две ќерки. И една нација, која од него научи да се смее.

Автор: Силке Винш/Жана Ацеска/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска