1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот за бранители-равенка со три непознати

Катерина Блажевска23 ноември 2012

Никој не е сигурен дали има вистинска волја кај предлагачот ВМРО-ДПМНЕ законот да биде донесен, колку време е потребно за тоа и колку чини неговата финансиска конструкција.

https://p.dw.com/p/16oa6
Фотографија: DW

Носат Закон за бранители, а немаат предвидено средства во буџетот за да го реализираат. Вака пратеникот на Национална демократска преродба (НДП), Изет Зекири, прв ја аларамираше јавноста за пропустот во предлог- буџетот за 2013. Според Зекири, тоа е доказ дека расправите во Собранието на Македонија се само фарса на владејачките партии, со цел да придобијат гласачи пред локалните избори. Недостигот на ваква буџетска ставка ги изненади бранителите, но не и коалициските партнери. Во ДУИ се воздржани, а од ВМРО-ДПМНЕ велат дека попусто се крева врева.

Буџетот има свои резерви

Ако Собранието го изгласа законот за бранители ќе се обезбедат средства од буџетот за помош и поддршка за семејствата на бранителите, кусо најави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставревски.

„За парична помош буџетот има предвидено средства од сопствени резерви, а поголем дел е во форма која подразбира помош за семејствата на бранителите за бесплатно здравство и бесплатно школство, за кои соодветните институции имаат сопствени буџети", рече Ставрески.

Илија Димовски, пратеник и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, изрази надеж дека законот ќе биде изгласан и дека владата ќе најде начин како да го реализира во практика. Според сегашната атмосфера, за амандманите на коалицискиот партнер ДУИ нема место во предложениот закон. „Инсистираме законот да биде усвоен така како што е предложен од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи на никаков начин не е противуставен“, нагласува Димовски. #gbig#

Толкување на „жртвите“

Во ДУИ велат дека ВМРО-ДПМНЕ не мора да ги прифати нивните амандмани, но Македонија ќе мора да ги исполни обврските од пристапниот дијалог со ЕУ.

„Жртвите на конфликтот од 2001. година не се само на една страна и треба да имаат ист третман. Тие се наведени и во Прегледот на Охридскиот договор, подготвен од Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор. Тој акт со владин печат беше испратен во Брисел и истиот третман кон жртвите сега е обврска што Македонија треба да ја исполни согласно со последниот извештај на Европската Комисија“ велат од ДУИ. 

Според политиколозите, повеќе од извесно е дека следниот камен на сопнување ќе биде автентичното толкување на формулацијата „жртви на конфликтот од 2001. година“.

Според ДУИ тоа ги опфаќа сите, а според ВМРО-ДПМНЕ во тој корпус не може да влезат припадниците на ОНА, туку само оние што го бранеле поредокот и суверенитетот на земјата. Шефот на мисијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, во неодамнешниот говор пред Комисијата за надворешни работи во Европарламентот, го спомна токму Прегледот на Охридскиот договор, во контекст на придобивките од пристапниот дијалог на високо ниво.

„Тој документ е многу важен за владејачката коалиција, иако етничките заедници различно го разбираат“, нагласи Орав.

Во моментов, законот за бранители е равенка со три непознати. Прво, никој не е сигурен дали има вистинска волја кај предлагачот ВМРО-ДПМНЕ тој да биде донесен, второ - колку време е потребно за тоа и трето- колку чини неговата финансиска конструкција?

Засега, единствено пратеникот Изет Зекири се обиде да одговори на едно од од трите прашања. 

„Ако за 4 дена се разгледани 5 амандмани од предложени 15.000, за да поминат сите низ расправа потребни се 42 години“, пресмета Зекири.