1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Законот важи подеднакво за сите!

14 јануари 2011

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони може да се најде пред суд поради корупција и измама. Уставниот суд во Рим делумно го укина Законот за имунитет кој му пружаше заштита. Тоа беше добар ден за Италија.

https://p.dw.com/p/zxTm

Законот важи подеднакво за сите. Оваа реченица стои во сите судски сали во Италија, а Уставниот суд уште еднаш на Силвио Берлускони му потврди-важи и за него. Што мисли пак италијанскиот премиер за судиите општо и посебно за уставните судии, јасно кажа и на прес-конференцијата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин во средата (12.01.2011): судството во Италија е претворено во правен инструмент на моќ и ја пречекорува својата уставна улога. Патем, сето тоа е смешно и дали против него ќе се води судска постапка или не, нему му е сосема сеедно, изјави Берлускони. Изразот на лицето на Меркел за време на навредите на Берлускони кон судиите, недостојни за еден премиер, доволно зборуваше. Сфаќањето на италијанскиот премиер за демократијата и правото е прилично ограничено. Оној кој лично го критикува, го критикува според него премиерот и му штети на угледот на државата. Сите кои се против него, се комунисти, а тој секогаш има право и го прави вистинското.

Но, сега Берлускони треба во својот роковник точно да забележи три судски рочишта. Зашто, за тоа дали има оправдана причина да не се појави на суд, не решава веќе Берлускони, туку судијата. Одлуката на уставните судии е достојна на демократијата. Судиите сепак признаваат дека постојат и владини обврски кои имаат предимство. Но, тие го отфрлија автоматскиот вечен изговор на Берлускони за постојана зафатеност со државнички работи. Меѓутоа, дали Берлускони сепак ќе се појави пред суд, е сепак прашање. Ќе трае најмалку еден месец додека одлуката на судиите да стапи во сила. Бројот на неодложните обврски на премиерот дотогаш може да се намножи. Освен тоа, неговите адвокати ќе придвижат планини за да ги одложат процесите, еден случај веќе се приближува кон застарување. Приврзениците на Берлускони можеби веќе планираат нов закон за имунитет, иако донесувањето нема да биде едноставно поради тесното мнозинство во парламентот. Постои и уште еден ризик: Уставниот суд имено дозволи референдум за Законот за имунитет. Ако се соберат доволно гласови, можат да паднат и останатите делови на Законот.

Владата на Берлускони очигледно повторно нема време за веќе 16 години ветуваните реформи, зашто пак мора да се занимава со себе. Сепак, вчерашниот ден беше добар за Италија.

Автор: Штефан Трендле

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски