1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заеднички фронт против нуклеарните терористи

13 април 2010

Во Вашингтон продолжува Самитот за нуклеарна безбедност, на кој има претставници од 47 земји. Aмериканскиот претседател Барак Обама се заложи за постигнување конкретни резултати во борбата против нуклеарниот тероризам.

https://p.dw.com/p/MutP
Фотографија: AP

Конференцијата почна со добра вест. Украинскиот претседател Виктор Јанукович на средбата со американскиот претседател Барак Обама најави дека неговата земја во наредните две години ќе се откаже од целото количество високо облагороден ураниум, што би можел да се искористи за производство на атомска бомба. Портпаролот на американскиот претседател Роберт Гибс истакна:

„Украина, голем дел од количеството ќе отстрани уште оваа година. САД работеа повеќе од десет години да се случи ова. Нуклеарниот материјал е доволен за да се произведат повеќе бомби.“

NO FLASH Nuklear Konferenz in Washington NO FLASH
Украинскиот претседател Виктор Јанукович на средбата со американскиот претседател Барак Обама најави дека неговата земја во наредните две години ќе се откаже од целото количество високо облагороден ураниумФотографија: AP

Терористите сакаат да стигнат до нуклеарен материјал

Ова претставува „историски чекор“ за Барак Обама. Неговата администрација има намера да придвижи што повеќе земји учеснички на самитот кои за цивилни цели поседуваат нуклеарен материјал, а кој би можел да послужи за производство на атомска бомба, да се откажат од него. Тоа е една од главните цели на конференцијата. Освен ова, САД сакаат да постигнат што е можно поголема нуклеарна безбедност. За четири години постоечкиот ураниум и плутониум треба да бидат толку безбедно складирани, што криминалците или терористите воопшо не би биле во состојба да дојдат до него. Такви намери веќе постојат, особено кај Ал Каеда, вели советникот на американскиот претседател за борба против тероризмот, Џон Бренен.

„Интересот на Ал Каеда за материјалот погоден за изготвување бомба би требало посебно да биде истакнат. Тоа би им дало можност на нејзините припадници да произведат ефикасна атомска бомба. Вознемирувачки е што постојат меѓународни криминални организации и банди, кои многу добро знаат дека терористичките групи имаат голем интерес за нуклеарен материјал. Криминалните групи се обидоа да дојдат во посед на нуклеарен материјал оти сакаат да заработат со тоа што на терористичките групи ќе им го продадат материјалот од кој може да се произведе бомба.“

Topol M Rakete Atomrakete Bombe Nuklearwaffe NO FLASH
Постојат меѓународни криминални организации и банди кои многу добро знаат дека терористичките групи имаат голем интерес за нуклеарен материјалФотографија: picture alliance / dpa

Неодговорени прашања

Напад со една таква импровизирана бомба би имал катастрофални последици, предупредува американскиот претседател.

„Тоа е нешто што би можело да ја промени безбедносната состојба во оваа земја и во светот за долги години.“

Обама смета дека сите земји учеснички ќе дадат свој придонес за поголема безбедност на нуклеарниот материјал што го поседуваат. За да се постигне оваа цел, Обама на почетокот на Самитот го зголеми притисокот врз Иран кој не е поканет и кому меѓународната заедница му префрла дека се стреми кон производство на атомска бомба. На проблемот со Иран му беше посветен и поголемиот дел од разговорот на Обама со кинескиот претседател Ху Џинтао. Американската влада потоа соопшти дека Кина и САД ќе соработуваат за да се изработи заедничка резолуција во Советот за безбедност на ОН. Кина, која досега постојано одбиваше построги санкции кон Иран и спречи да бидат усвоени построги мерки, соопшти дека се надева оти ќе бидат зајакнати дипломатските напори за проблемите да бидат решени преку дијалог и преговори. Таквите формулации оставаат неодговорени многу прашања.

Автор: Албрехт Циглер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска