Заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија во Ќустендил
26 јули 2013Македонската и бугарската влада ќе одржат заедничка седница в недела на 28 јули во пограничниот бугарски град Ќустендил.
Според информациите, се очекува на средбата од македонска страна покрај премиерот Никола Груевски, да присуствуваат и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.
На средбите ќе стане збор за унапредување и продлабочување на добрососедските односи, за прашања од интерес на двете земји, за европските и евроатлантските интеграции на регионот, продлабочување на економските односи, зголемување на трговската размена и други прашања од заеднички интерес.
Од македонската влада за новинската агенција МИА изјавија дека ова е позитивен чекор во придонесувањето на унапредувањето на добрососедските односи и продолжување на позитивната практика на одржување на средби со раководствата на соседните држави и заеднички владини седници со соседните земји, како што беше седницата со српската влада, скорешната со Бугарија во Ќустендил, а има расположение и позитивен одговор на македонските иницијативи за заеднички владини седници и од Албанија и од Косово.
Во рамките на седницата, ќе се одржат и премиерска тет а тет средба меѓу премиерите Груевски и Орешарски, и поединечни средби на присутните членови на владите од двете страни, за потоа да се заокружи средбата со заедничка пленарна меѓувладина седница.