Заев и останатите обвинети ќе се бранат од слобода
18 јули 2008Струмичкиот градоначалник и потпретседател на СДСМ, Зоран Заев и неговите четворица соработници кои беа уапсени вчера, ќе се бранат од слобода. Одлуката ја донесе Основниот суд Скопје 1 по речиси 12 часа распит на осомничените за злоупотреба на службена должност во врска со изградбата на трговскиот центар “Глобал“ во Струмица.
„Сакам од длабочината на мојата душа да ви се заблагодарам за истрајноста што денес со вашето присуство овде ми ја дадовте. Денес се случи она што и доликува на Македонија. Правдата победи. Се случи доказ за чесноста на лугето кои беа јавно политички обвинети. Вака Македонија не можеме да ја градиме господине Груевски. Колку и да се подли намерите секогаш ќе дојде до правда. Со ова давате на знаење низ целата држава дека многу брзо ќе се вратиме на власт“, изјави видно возбудениот Зоран Заев по напуштањето на судот.
Струмичкиот градоначалник се товари за злоупотреба на службената положба при спроведување на тендерот за изградба на деловниот центар “Глобал“, а потоа и за продажба на деловниот центар, кој според полицијата е на државно земјиште, како и на приватно, коешто допрва треба да се денационализира. Тој беше уапсен на патот Струмица-Радовиш, а неговите соработници на нивните работни места во зградата на општината во Струмица. Покрај Заев, уапсени беа и раководителите за урбанизам и административна поддршка, Стојан Димев и Никола Додев, општинскиот инспектор Иринка Трајкова и сопственикот на „Де лукс Инженеринг“, Горан Крстев, кој го градел деловниот центар во Струмица