1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задругите-спас за земјоделството

Антоанела Димитриевска28 јануари 2013

Нови современи задруги се решение за расцепканото македонско земјоделство порачуваат експертите. Моделот е според искуствата на европските земји и оние од соседството прилагоден на македонските услови.

https://p.dw.com/p/17ScX
Фотографија: Fotolia/felinda

Земјоделските стручњаци процениле дека дури 70 % од македонските земјоделци ќе пропаднат ако земјата пред влезот во ЕУ не го реши проблемот со раситнетото и непланско производство. Како помош во субвенции, Владата годинава издвои 9,1 милион денари за поддршка на земјоделците што ќе произведуваат во задруги. Услов за тоа е да имаат изработена и одобрена програма.Четири милиони денари ќе добиваат задругите на кои ќе им се одобри програмата за работа до 31 мај годинава.

Доброволно влегување во задруга

Влегувањето во новите задруги ќе биде доброволно, а луѓето треба да изградат принципи на наградување. Земјоделците за да решат да се здружат во задруга тоа треба да биде по повеќе основи, да внесат земја, добиток, работна сила,средства за производство или акции. Со тоа новите задруги се нешто помеѓу приватниот и државниот сектор, оценува земјоделскиот експерт проф д-р Јован Аждерски од Земјоделскиот факултет при скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј ‘‘ за ДВ ни појаснува „ значи постои приватна иницијатива, ама луѓето работат за заеднички интереси. Овој тренд во Македонија беше покренат пред десетина години ама тогаш не заживеа. Деновиве повторно е актуелен тренд, а на иницијатива на државата што ја прифаќаат се повеќе земјоделци. Тие ќе имаат повеќекратен бенифит при набавка на средства за производство, репроматеријали, ѓубрива, а при тоа ќе им се намали цената на производот. Воедно како здружени ќе можат да конкурираат на пазарот, да имаат унифицирано производство со одредени стандарди. Исто така ќе можат да изберат и нивни претставник менаџер кој што ќе ги штити нивните интереси пред владата,на пазарот и при извоз‘‘.

Mazedonien Saisonarbeiter bei Basino selo
Фотографија: DW

Во помошта на земјоделците за формирање задруга активно е вклучена и Агенцијата за потикнување и развој на земјоделството. Нејзиниот раководител во Велес, Тони Тасков за ДВ вели дека тие секојдневно се на терен и им ги појаснуваат предностите. „За задругите Владата ќе финансира и управител кој ќе менаџира со сите работи, а кои тие досега самите со доста напори ги извршуваа. Тој ќе се грижи и за осовременување на процесот и поголемо производство и намалување на трошоците, а со тоа да станат и попрофитабилни на прибирливиот европски пазар.‘‘ смета Тасков.

Голем дел од македонските земјоделци заинтересирани за влез во задруга

Меѓу земјоделците кои се заинтересирани за формирање на задруги се и велешките земјоделци од село Иванковци. Тие се меѓу првите во Македонија кои формираа свое здружение „Аеропника‘‘, а за кое се залагаат наскоро да прерасне во Земјоделска задруга. Нејзиниот претседател Стојанче Спасиќ земјоделец од Иванковци смета „ За нас земјоделците ќе биде подобро, ќе имаме помали давачки, а поголеми приноси. Очекуваме семенскиот материјал и репроматеријалите да ги навабуваме поевтино, а како задругари да имаме и поголеми субвенции за разлика од индивидуалните земјоделци‘‘, смета Спасиќ.

Mazedonien Land und Leute Landwirtschaft
Фотографија: Nikos Pilos

Кооперативното здружување во Македонија засега е на многу ниско ниво.Од вкупно регистрирани 52, активни се само 15 задруги. Дел од земјоделците сеуште со сомнеж гледаат кон задругарството и го поистоветуваат со периодот на 50-тте и 60-тте години на 20 век кога им беа одземани имотите. Експертите потенцираат дека целта на новите задруги е производителот да има неприкосновено право на сопственост на земјиштето.

Македонските земјоделци велат дека експертите се во право кога им посочуваат дека мораат да се здружат и се плашат дека помалите производители ќе пропаднат ако не се здружат. Тие затоа предлагаат донесување закони што ќе предвидат здружување на земјоделците по разни основи во нови задруги. Во Македонија процедурите на измените Законот за задруги се во собраниска процедура. Кон крајот на минатата година се водеа и јавни расправи во кои беа вклучени повеќе експерти и земјоделци.