1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загриженост околу двојните игри на Израел

С.Недевски/АТ/ртр/афп/дпа13 август 2013

Израел според ветеното пушта на слобода палестински затвореници, но истовремено најавува изградба на домови за еврејските доселеници. Денеска беа објавени нови градежни планови во Источен Ерусалим. Критиките се множат.

https://p.dw.com/p/19OPW
Фотографија: picture-alliance/dpa

САД не оставија простор за сомнеж во нивната жестока критика за новите планови на израелската влада за изградба на станбени единици во еврејските населби, но во преден план го имаат утрешното продолжувањето на директните преговори меѓу Израелците и Палестинците.

„Нашиот став за израелските насеби не е променет, а најавата дојде во навистина чуствителен момент и ние ја известивме израелската влада дека сме навистина загрижени“, изјави заменичката на портпаролот на Стејт департментот Мари Харф.

Таа повтори дека САД „не го прифаќаат легитимитетот на продложување на активностите за колонизација“ на палестинските територии.
Харф, меѓутоа, одби да потврди дали државниот секретар на САД Џон Кери лично на телефон разговарал на оваа тема со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Israel erteilt Baugenehmigungen für Ost-Jerusalem
Фотографија: AP

Денеска објавени нови планови за Источен Ерусалим

Реакцијата на Харф следуваше по најавата на израелската влада во неделата (11.08.), дека е одобрена изградбата на уште 1.200 станбени објекти во Источен Ерусалим и на Западниот брег, области кои Палестинците ги сметаат за делови на својата идна држава. Денеска (13.08.) меѓутоа следуваше и информацијата дека градското раководство на Ерусалим одобрило изградба на натамошни 942 станбени единици во окупираниот источен дел на Ерусалим. Тоа за медиумите го изјави членот на Советот на градот Ерусалим Јозеф Пепе Алалу.

„Ваквите потези очигледно треба да не натераат да ги запреме преговорите“, реагираше главниот палестински преговарач Саеб Ерекат на неделната одлука на израелската влада. Познавачите на ситуацијата сепак веруваат дека палестинската страна нема да ги откаже преговорите за да не го загрози договореното пуштање на слобода на палестинските затвореници.
Инаку во меѓувреме се познати и имињата на првите 26 Палестинци кои ќе бидат пуштени од израелските затвори во рамки на продолжението на мировните напори на Блискиот исток. Првата група затвореници ќе биде пуштена пред продолжението на директните преговори. Владата во Тел Авив се согласи на слобода да ослободи вкупно 104 затвореници, од кои некои се осудени за убиство на израелски граѓани и служат повеќедецениска затворска казна.

Смирување на радикалните десничари

Одлуката 26-те затвореници да се испратат во Газа или на Западниот брег е донесена доцна во неделата- за нејзино спроведување ќе мора да почека најмалку 48 часа и во тој период семејствата на еврејските жртви имаат време да поднесат жалба на оваа одлука на владата. Нема сомнеж дека некои ќе го сторат тоа: „Тука не се ослободуваат политички затвореници туку убијци“, изјави Гила Молоко чиј брат е убиен пред 20 години. „Неверојатно е дека е нашата крв толку ефтина. Тоа се убијци кои повторно ќе убиваат!“

Siedlungsbau in Ost-Jerusalem
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ослободувањето на затворениците беше еден од условите кој палестинскиот претседател Махмуд Абас ги постави, за по 3 години, конечно да се обнови мировниот процес. Пред три недели Тел Авив се согласи на овој услов, а премиерот Бенјамин Нетанјаху тоа го објасни со зборовите дека некои одлуки се тешки, но неопходни.

Медиумите во Израел коментираат дека понатамошната изградба на населбите треба да ги смири радикалните десничари со кои премиерот Нетанјаху е во коалиција, а кои се противат на ослободувањето на палестинските затвореници.

Израелско-палестинските мировни преговори би требало да бидат продолжени утре во Ерусалим, а потоа следи и состанок во Ерихон.