1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Завршена заложничката драма во Алжир

Александар Методијев/афп/ројтерс/дпа19 јануари 2013

Алжирската војска денеска (19.01) изведе завршен напад врз вооружените киднапери во алжирската гасна централа. Убиени се 11 исламисти блиски до Ал Каеда, откако тие убиле 7 странци, кои неколку дена беа во заложништво.

https://p.dw.com/p/17NWz
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Сега е готово, нападот е завршен и војската е внатре во централата и ја расчистуваат од мини“, изјави локален функционер за агенцијата Ројтерс.

Државната компанија за нафта и гас Сонатрах информираше дека милитантите, кои го нападнаа комплексот во средата и зедоа огромен број на заложници, поставиле стапици со експлозиви низ целата гасна централа.

Точниот број на загинати меѓу напаѓачите и странските и алжирските работници останува нејасен. Во текот на денешниот ден алжирските безбедносни сили пронајдоа околу 15 изгорени тела во централата. Се прават обиди за нивна идентификација, но за сега е како настапила нивната смрт. Извор кој има податоци за акцијата рече дека во текот на денешниот ден биле ослободени 16 странски заложници, меѓу кои има и двајца Американци, двајца Германци и еден Португалец.

Entführung durch Islamisten in Algerien
Воени хеликоптери ја надлетуваа гасната централаФотографија: Reuters

Британските власти соопштија дека помалку од десет од своите државјани се исчезнати. Сепак, најголем дел од британските државјани сега се на безбедно место, информираше британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг.

„Засега помалку од десетмина британски државјани се исчезнати и тоа секако дека значи оти мораме да продолжиме да се подготвуваме за лоши вести“, рече Хејг во телевизиското обраќање, во кое објасни и дека британскиот амбасадор и персоналот од амбасадата се на терен во централата Ин Аменас.

Весникот Ел Ватан денеска информираше дека меѓу загинатите има тројца Белгијци, двајца Американци, Британец и Јапонец. Тие биле егзекутирани рано денеска. Едно алжирско радио информираше и дека екстремистите доцна вчеравечер се обиделе и да разнесат еден дел од централата, но биле спречени во намерата од заложниците и армијата. Тоа ја предизвика финалната реакција на алжирската армија спроведена во текот на денот.

Algerien Minister besucht Geiseln im Krankenhaus
Алжирскиот министер за енергија и рудници зборува во болница со еден од киднапираните работнициФотографија: picture alliance / dpa

Меѓу загинатите има и еден Романец, а друг романски работник е повреден, информираше премиерот Виктор Понта.

„Само што ја добивме потврдата за смртта на еден од петтемина Романци кои беа во заложништво во Алжир“, рече Понта на прес-конференција.

Германскиот министер Вестервеле соопшти дека повеќе нема германски граѓани меѓу заложниците, а истото во контекст на француски државјани го соопшти и францускиот министер за одбрана Жан Ив ле Дрио. Тој исто така ја потврди смртта на еден француски државјанин.

Нападот на гасната централа за кратко време прерасна во најголема меѓународна заложничка криза во последниве децении, со што милитантите од Сахара се искачија на врвот на глобалната агенда. Во новинарските извештаи претходно веќе се информираше за жртви меѓу странските работници, меѓу кои има државјани на Норвешка, Јапонија, Велика Британија и САД.