1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зависности во глобалното село

Хеле Јепесен20 април 2008

Од 20 до 25 април во Акра, главниот град на Гана, се одржува конференција посветена на процесот на глобализација и она што тој со себе го носи во светот.

https://p.dw.com/p/Dl5l
АкраФотографија: AP Photo

„Акра не е форум на кој што се склучуваат договори и на кој се донесуваат конечни заклучоци. Но, конференцијата е од многу големо значење токму поради времето во кое се одржува, а кое е решавачко за донесување решенија кои ќе ги дадат натамошните насоки. Тоа се однесува како на мултилатералните трговски договори, така и на менаџирањето со актуелните краткорочни кризи, кои потоа на среден рок имаат влијание врз меѓународниот економски систем и реформите на меѓународните финансиски институции.“

Детлеф Коте е раководител на одделот за макро-економски и развојно-политички стратегии во Унктад. Конференцијата на ОН за трговија и развој, Унктад, смета дека последиците од глобализацијата и проблемот на регулативен трговско-политички и финансиско-политички систем се централни прашања на глобалната иднина. Конечно, вели Коте, факторите на глобализацијата се тие што доведоа до актуелната криза со животни намирници во светот: „Справувањето со актуелната криза ќе игра важна улога во многу дебати. На пример, имаме тркалезна маса која се занимава со проблемите на глобализација и нејзиното повратно влијание врз социјалните услови, сиромаштијата и.т.н. Од актуелната криза со животни намирници се гледа дека ниту една земја сама не може да го реши проблемот, туку е тоа меѓународен проблем кој е условен делумно од глобализацијата и делумно од напорите да се влијае врз промените на климата. “

Производоството на биогориво што се форсира, а според експертите, ќе придонесе за огромно зголемување на цените на прехранбените намирници во глобални рамки. Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО, објави дека цените на прехранбените намирници во 2007 година просечно се зголемиле за цели 40%.