Забрзани подготовки за изборите
15 април 2008Неколку стотини странски набљудувачи ќе бидат присутни на шестите парламентарни и први предвремени избори во Македонија.
И невладината организација Мост ги започна подготовките за изборот и обуката на над 1500 домашни набљудувачи. Оваа организација во 2006 година ги погоди и соодносите на парламентарните сили. Весникот Шпиц прв јавно ги објави правилата на медиумското покривање на изборите, повикувајќи ги партиите да определат и свои омбудсмани, кои ќе контактираат со уредништвото на овој бесплатен весник.
За фер и демократско гласање власта ќе понуди декларација слична на документот потпишан на претходните паралементарни избори.
Партиите започнаа со подготовки
Партиите инаку почнаа со неформалните изборни кампањи, но и први контакти за идни коалиции. Досегашниот портокалов сојуз на ВМРО ДПМНЕ ќе претрпи измени. Не е исклучено Либералната партија со најстариот пратеник Стојан Андов да замине од коалицијата со Груевски.
Актуелниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ ќе се обиде да ги привлече партиите од помалите етнички заедници: Бошњаци, Турци, Срби, Роми, чии гласови се над 150 илјади. Груевски пред шест месеци им понуди посебно министерство за етнички заедници, но идејата не се реализира.
И во опозицискиот СДСМ започна подготовка за изборите. Лидерот Радмила Шекеринска заговара коалиција на проевропските сили, дури и со НСДП на Тито Петковски, кој се отцепи од СДСМ. Стандардните партнери ЛДП остануваат.
Во партиите на македонските Албанци главната битка ќе се води меѓу лидерите на ДПА и ДУИ, Мендух Тачи и Али Ахмети.