1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забрана за носење бурка и во Данска?

6 февруари 2010

Во Франција неодамна, парламентарна комисија препорача да се воведе забрана за носење на бурки во јавните институции. Дискусијата за целосно покривање на телата се води и во други европски земји, меѓу нив и во Данска.

https://p.dw.com/p/LtLj
Фотографија: Dzevad Sabljakovic

Во Данска минатото лето беше формирана комисија, чиј извештај сега е оспоруван. Прво затоа што владата го објави под политички притисок, и второ оти резултатите не се базираат врз емпириски истражувања, туку врз основа на општествени анкети.

Насер Кадер, првиот муслимански пратеник во Данска и претседателката на деснопопулистичката Народна партија на Данска Пиа Кјергсгард ретко кога се единствени, но во врска со извештајот се на иста страна: „Студијата не е вредна за хартијата на која е напишана,“ вели Кадер. Слично мислење има и Кјерсгард. За неа студијата е: „Дело на наивни хипици.“

„Секој има право на слободно религиозно определување“

Frankreich Muslime Streit um Kopftuchverbot
Фотографија: AP

Според студијата сто и педесет до двесте жени носат бурки. Тоа не се ниту 0,2 проценти од муслиманите кои живеат во Данска. Со оглед на ваквите бројки многумина Данци опуштено реагираат: „Тоа се однесува на толку малку луѓе. Треба да го искористиме времето за поважни работи.“ - „Во Данска секој има право за слободно религиозно определување, секој може да се облече како сака.“

Некои во дискусијата гледаат уште еден обид на десноориентираните политичари, да се профилираат на сметка на данските муслимани: „Тоа е дебата за вредности, културна борба. Бурката е симбол на муслиманската култура и многумина стравуваат дека муслиманите наскоро би можеле да владеат со оваа земја. Тие шират страв. Само за тоа станува збор.“

Лична одлука

21 годишната Иман, која носи бурка забалежува дека во секојдневието Данците се дистанцираат од неа: „Најчесто луѓето само гледаат, не велат ништо. Одвреме на време слушам понижувачки забелешки, од време на време ме прашуваат зошто носам бурка.“

Иман потекнува од муслиманско семејство, родена е во Данска и таму израснала, и течно зборува дански: „Никој не ме принудува, никој во моето семејство не носи бурка. Ова е моја одлука, затоа што ми е важно за верата. Сите што ги познавам, а носат бурка, го прават тоа од истите причини.“

Сепак забрана за носење бурки во државни институции?

Но Насер Кадер, портпарол за прашањатата за интеграција во редовите на конзервативците кои минатото лето ја поттикнаа оваа дебата не верува во ваквите изјави. За него бурката е мобилен затвор, таа не е религиозен симбол туку: „Бурката е политички, исламистички симбол“, вели Кадер. Пиа Кјергсгард, претседателката на Нарoдната партија исто така смета: „Гротескно е да разговараме за оваа тема. Бурката е израз на исламизација на нашата земја и мора да сториме нешто против тоа.“

Burka
Фотографија: Dzevad Sabljakovic

Владејачката десно либерална партија на премиерот Расмусен досега беше против воведување на забрана за носење на бурка, но Расмусен неодама изјави: „Си посакувам општество во кое отворено и не завиткани си пристапуваме едни кон други, во кое се гледа со кого зборувате. Тоа се вредности кои ми се важни и кои, според моето гледиште, ги делам со мнозиството од населението.“

Според последните информации, данската влада најверојатно ќе го забрани носењето на бурки во јавните институции.

Автор: Марк Кристоф Вагнер/Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски