1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Забраната на „Парадата на гордоста“ е за жалење

АТ/ бета/ дв28 септември 2013

Се оценува дека Србија со забраната на „Парадата на гордоста“ пропуштила можност да покаже дека ги почитува човековите права. Советот на Европа оцени дека третата последователна забрана на белградската парада е за жалење

https://p.dw.com/p/19pvd
Фотографија: picture alliance / AFP Creative

Европскиот комесар за проширување Штефан Филе оцени дека српските власти со забраната на „Парадата на гордоста“ во Белград трета година по ред пропуштиле можност да покажат дека ги почитуваат темелните човекови права.

Почитувањето на правата на слобода на собирање и изразување се посебно важни во контекст на преговорите на Србија и во рамки на скрининг процесот за поглавјето 23. за правосудство и основни права, наведе Филе во соопштение.

Stefan Füle EU Erweiterungskommissar
Штефан ФилеФотографија: dapd

Европската комисија ќе продолжи да ги поддржува напорите во Србија да се развие клима на толеранција и да нема дискриминација врз основа на родот, од расно или етничко потекло, верата, сексуалната ориенатација или годините во согласност со договорот и повелбата на ЕУ за основните права, како и заклучоците на Европскиот совет за ЛБГТ од јуни 2013.

Советот на Европа оцени дека „третата последователна забрана на белградската парада е за жалење“, рече портпаролот на генералниот сектретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд. Портпаролот Даниел Хутген за агенцијата Бета изјави дека „Србија треба да ги држи под контрола штетниот хулиганизам и нетрпеливоста. На оние кои ги мразат хомосексуалците не смее да им се дозволи да ја нарушуваат слободата на изразување и собирање“, рече Хутген.

Амбасадата на САД: Многу сме разочарани од одлуката на властите

Амбасадата на САД во Белград изрази „големо разочарување“ поради одлуката на српските власти да ја забранат „Парадата на гордоста“. „Слободата на говорот, слободата на собирање и слободата на здружување се срж на човековите права и заштитата и обезбедувањето на секој граѓанин е основна одговорност на една демократска влада“, се наведува со соопштението на амбасадата на САД.

US-Flagge / USA / Fahne
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската амбасада „силно ја осуди“ и заканата со насилство против учесниците на „Парадата на гордоста“, оценувајќи дека „насилството и заканите немаат место до демократскиот дискурс“.

Голем чекор назад за Србија

Шведската министерка за европски прашања Биргита Олсон изјави во Белград дека владата на Србија со одлуката да не ја дозволи „Парадата на гордоста“ пропуштила голема шанса да покаже дека е подготвена во целост да ги почитува човековите права. „Особено сум разочарана и многу ми е жал што е откажана 'Парадата на гордоста'. Ова е пропуштена прилика за српската влада да покаже дека е подготвена целосно да се почитуваат човековите права“, рече Олсон во Белград за Шведското радио по одлуката на владата на Србија од безбедносни причини да не дозволи да се одржи „Парадата на гордоста“ закажана за утре (29.09.) во Белград.

Запрашана дали таква одлука ќе влијае на преговорите на Србија со ЕУ, таа истакна дека „одржување на 'Парадата на гордоста' заедно со реформа на правната држава и слободни медиуми се во сржта на европската политика кон Србија“, и дека е јасно дека тоа секако ќе биде „голем чекор назад за Србија“.

Тест за Србија во областа на човековите права

Светските медиуми пренесуваат дека владата на Србија ја забранила „Парадата на гордоста“ од безбедносни причини со коментар дека забраната би можела да се одрази врз односите на Србија со ЕУ. Ројтерс наведува дека конзервативните општества на Балканот споро ги прифаќаат правата на хомосексулаците кои во јавноста редовно наидуваат на насилство.

Пренесувајќи ја веста за забрана, агенцијата АП оценува дека одлуката за Парадата се смета за тест дали Србија како кандидат за членство во ЕУ е посветена на почитувањето на човековите права.