Жртви во новите протести во Египет
29 јуни 2013Во судирите меѓу приврзаниците и противниците на египетскиот претседател Мохамед Мурси загинаа три лица, меѓу кои и еден Американец, а 130 луѓе се повредени. Властите на САД ги предупредија Американците да не патуваат во Египет. Стејт департментот по вчерашните судири им порача на дел од дипломатскиот персонал да го напуштат Египет, а на американските државјани кои се во земјата да бидат внимателни. Главниот аеродром во Каиро е преполн со патници, а летовите за Европа, за САД и за земјите од Персискиот Залив се пополнети, тврдат очевидци.
Тензиите во Египет се зголемени пред најавениот масовен протест утре, на кој ќе се бара оставка од претседателот. Протестот треба да се одржи во близина на претседателската палата во Каиро и се очекува да учествуваат околу еден милион луѓе.
Приврзаниците на Мурси тврдат дека претседателот има легитимитет да остане на власт.
Во Александрија синоќа загинаа две лица кога демонстрантите ја запалија канцеларијата на политичкото движење Муслиманско братство, кое го поддржува Мурси. Се‘ уште не се познати деталите за загинувањето на Американецот кој работел во Американскиот културен центар, едни тврдат дека тој бил прободен во пределот на градите, а според други тој бил ранет од огнено оружје. Втората и третата жртва се египетски државјани, кои загинаа во Александрија односно во Мансура.
Десетици илјади антивладини демонстранти вчера протестираа во повеќе египетски градови, но имаше и контрапротести од приврзаниците на Мурси.