1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жирито во Кан нема лесна задача

23 мај 2010

Фестивалот во Кан претставува чуден парадокс. Таму е собран целиот сјај, раскош и гламур но истовремено најубавите соништа се мешаат со најужасните кошмари и болки на планетава. Годинашнава селекција не е исклучок.

https://p.dw.com/p/NTiw
Фотографија: Brigitte Lacombe

Сите го чекаа во Кан, каде најверојатно за последен пат се прикажува еден негов филм, кој можеби ќе биде и последен. Но тој не дојде. Наместо тоа, само една мала порака: „Поради проблеми од грчка природа, јас не можам да бидам ваш должник во Кан. Со фестивалот ќе одам до умирачка, но нема да направам ниту еден чекор повеќе. Пријателски поздрави. Жан-Лук Годар.“

Недоаѓањето на Годар во Кан не изненади многу, тоа е негова навика. Тоа не го спречи прикажувањето на неговото последно дело „Филм, социјализам, изгубени илузии“. Филм кој не се оддалечува од современиот опус на Годар: неповрзани приказни, игра со монтажа на цитати, текстови, слики, пароли, звуци... Палестина, Израел, нацизмот, Европа... Разочаран од една Европа која ја посакуваше среќна. Како филмот на Годар се приближуваше кон крајот, така салата на фестивалската палата се празнеше.

Flash-Galerie Filmfestspiele Cannes 2010
Претседателот Тим Бартон и останатите членови на жирито соочени со тежок изборФотографија: AP

Жирито предводено од Тим Бартон нема да има лесна работа при изборот на наградите. Ниту еден од прикажаните филмови не отскокнува од другите. За филмовите имаме обичај да кажеме дека ни дозволуваат да сонуваме, да побегнеме од реалноста, но годинашната селекција не‘ фрла во суровата реалност во која живееме.

Порака директно од иранскиот затвор

„ Мои драги пријатели, примете ги топлите поздрави од тесната и темна ќелија на затворот во Евин“. Лично, високо на славните фестивалски скали, министерот за култура на Франција, Фредерик Митеран ја прочита пораката на иранскиот режисер Џафар Панахи, чие место во жирито остана празно, бидејќи е затворен од властите во Техеран. Во пораката која по тајни канали дојде во Кан, Панахи ветува дека нема да потпише никаква изнудена исповед и покрај заканите, тврдејќи дека нема реализирано ниту еден филм против иранскиот режим. Поздравувајќи ги учесниците на фестивалот „со надеж за подобро утре“.

Три филмови за финансиската криза

Filmfestival Cannes Wall Street Flash-Galerie
Екипата на филмот „Вол стрит 2“ во КанФотографија: AP

Фестивалот во Кан не остана поштеден од актуелните теми за кои секојдневно слушаме и читаме во медиумите. Дури три филмови се посветени на квази- крахот на светскиот финансиски систем. Играниот филм на Оливер Стон „Вол Стрит, парите никогаш не спијат“ и документарните филмови на Чарлс Фергусон “Внатрешен удар“ и „Кливленд“ на Жан-Стефан Брон. Откако ќе се видат овие три филмови остануваме стаписани од толку големата несовесност, егоизмот и отсуството на каење во светот на финансиите. Можеме само да се утешиме со демонстрацијата на сè уште присутната способност на филмот да ни ја претставува сегашноста.

Суровоста на војната на кралски начин ни ја прикажа Бертран Таверние со филмот „Принцезата од Монтпенсие“, во кој се раскажува за една љубов за време војната на религиите во Франција во XVI-от век.

„Луѓе и богови“ на Ксавие Бовуа зборува за трагичната судбина на седумте калуѓери од Тиберин, убиени во Алжир во 1996 година. Овие два филмови се меѓу фаворитите.

Flash-Galerie Filmfestspiele Cannes 2010
Жилиет Бинош во сцена од филмот на КиаростамиФотографија: MKD diffusion

Жилиет Бинош убедлива

Кен Лоуч со филмот за војната во Ирак и нејзиниот одраз во Велика Британија, ја разочара критиката, за разлика од Мајк Ли чие име повторно се поврзува со „Златната палма“. Од актерките во филмови во кои доминираа машките улоги, отскокнува Жилиет Бинош во „Верна комија“ на Иранецот Абас Киаростами.

Одлуката на жирито предводено до Тим Бартон ќе биде позната денеска вечерта.

На фестивалот во Кан имаше одлично претставување на македонска филмска продукција.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска