060809 Südossetien Russland
7 август 2009Луѓето во Чинвали живеат по принципот на надеж. Надеж дека некогаш ќе биде добро. Нормално секојдневие, една година по војната со Грузија нема ни оддалеку. Урнатини, воен отпад на улиците, дупки од куршуми на ѕидовите од куќите - минувачите низ градот постојано се потсетувани на крвавиот судир со Грузија.
Обновата, финансирана главно од страна на Русија, се одвива бавно, дури и покрај тоа што претставниците на владата, како што е амбасадорот на Јужна Осетија во Русија, Дмитри Медојев се обидуваат да шират оптимизам: „Во моментов се работи интензивно на изградба на куќите. Тежиштето е ставено на повторна изградба на приватните куќи. Уништен е голем дел, така што овој процес ќе трае уште најмалку една година.“
Сами, но како?
Многу жители на Јужна Осетија мораа скапо да платат за меѓународно непризнатата независност на нивната земја. Трите големи воени конфликти со Грузија по распадот на Советскиот сојуз однесоа многу жртви на двете страни. Луѓето го загубија она што го поседуваа, а десетици илјади станаа бегалци. Враќање кон Грузија за Јужноосетијците е незамисливо. Во таков случај, велат, подобро е приклучување кон руската република, Северна Осетија. Амбасадорот Медојев брза да објасни: „Немаме намера да ја менуваме нашата независност за нешто друго. За слободата плативме висока цена. Јужна Осетија и натаму ќе гради своја држава.“
Но, на сите им е јасно дека таа не може да преживее без руска помош. Се плаќа со руски рубљи, државниот буџет се полни во голем дел со руски пари, а руската армија е стационирана во отцепениот регион и ја набљудува меѓународно непризнатата граница кон Грузија.
Автор: Кристина Нагел / Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Александра Трајковска