1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот на отворено море

С.Токан/ С. Недевски10 септември 2013

Бригите Шоман ги обожува водите, бродовите, пристаништата, и тоа не само на лето и за време на годишниот одмор. Оваа Берлинчанка со историски едреник купен во Холандија, се подготвува за живот на море.

https://p.dw.com/p/19LtQ
Фотографија: DW / Maksim Nelioubin

Реката Шпреја во Берлин. Бригите Шоман го чисти својот нов дом. Со купување на бродот на кој ќе живее го исполнува својот животен сон. „Слобода. Прекрасно. 25 метри само за мене. Шпреja. Бродот се ниша. Чудесно.“ На нејзиниот брод има уште многу да се работи. Но, оваа 59-годишна жена има фантазија.

„Ова овде е мојата дневна соба, односно, некогаш треба да биде мојата дневна соба. Тука ќе ставам кујна, а овде ќе дојде еден убав стар камин, како и полици за книги. Ова е мојата спална соба. На средината ќе ставам када за капење со големи лавовски шепи. Тука ќе биде креветот, а овде мојот шкаф за гардероба. Порано тука спиеле две деца, а лево и десно семејството на бродарот. Значи, има доволно место.“, вели Бригите.

Бродот е во работилница

Steg am Starnberger See
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нејзиниот брод од соништата е фризиски едреник направен во 1906 година во Холандија. Овој брод со децении служел за превоз на јаглен од Дортмунд во Берлин. Бригите Шоман сака да зачува се’ што е можно во оригинална форма. Во тоа спаѓа и срцето на бродот. „Тоа е стар мотор од тенк од 1942. година, кој бил користен на рускиот фронт. Подоцна е пренаменет за мотор за камион, и на крајот е вграден на брод.“, објаснува Бригите Шоман.

Оваа љубителка на уметност отсекогаш сакала едноставен живот на брод. Како студентка живеела во изнајмено старо бротче во Амстердам. Таму си го купи и сопствениот брод за 100.000 евра. Со помош на искусен капетан допловиле во Берлин. Бродот во моментов се наоѓа во работилница специјализирана за реставрирање на историски бродови.

„Речиси и да не постои брод кој е идентичен со некој друг. Тоа значи дека се' мора да се работи рачно и по мерка, да се скицираат формите и врз основа на нив да се прават деловите.“, вели вработена во работилницата.

Само уште неколку месеци

Berlin Strand Sommer Capital Beach Archiv 2009
Реката Шпреја во БерлинФотографија: Imago

Бригите Шоман го користи ова време и секоја слободна минута на работното место во една аукциска куќа ја користи да учи за дозвола за управување со брод. Со бродот, долг 25 метри, таа сака да патува низ Европа.

„Со најголемо задоволство би патувала кон југот на Франција, би застанала во Париз и би јадела остриги некаде на кејот. Тоа би било сон.“ Иако живее сама и среќна, на патувањето ќе има придружба.

„Ова се појаси за спасување, но за мачки. Да, и тоа има. И’ се става на мачката кога сме на пат. Ако случајно падне во вода, да може да се извади со мрежичка за риби или пеперутки.“

Ќе поминат веројатно уште неколку месеци додека Бригите Шоман со својата мачка се всели во бродот. Тогаш ќе и’ се исполни големиот сон за живеење на вода.