1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во кафез

Александар Чомовски16 декември 2008

Македонскиот парламент ја донесе Резолуцијата за приоритетите во 2009 година за пристапување на Македонија во ЕУ. Расправа се водеше и за напредокот што земјата го постигнала во 2008-ма на патот кон Европа.

https://p.dw.com/p/GGxT

Македонските одговори и пораки за Брисел беа испратени во ист ден – доцна синоќа (15.12.2008) парламентот за првпат донесе еднoгласна резолуција за реформските приоритети на земјата, побарани во последниот извештај на Европската комисија. Претходно, пак, студентите со петиција на која има 16 илјади потписи, побараа разбивање на Шенген-бариерите и безвизно патување во земјите членки на ЕУ. Дел од студентите на трибина посветена на визите, рекоа:

„Многумина од нас се чувствуваат како во кафез, изолирани од надворешни сили и институции над кои немаме моќ.“

„Зошто демократска Европа ги дискриминира идните лекари, инженери, менаџери?“

Овој глас на академските граѓани, во Брисел ќе стигне кон средината на февруари, кога 50-тина студенти од Македонија на претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо и на еврокомесарот Оли Рен ќе им ја предадат петицијата која е знак на протест, но и обид за лобирање во насока на побрза визна либерализација уште во текот на 2009. година.

Евроамбасадорите присутни на трибината, ги стимулираа младите со констатација дека и ваков вид лобирање може да ги отвори европските порти, доколку, притоа, Македонија ги исполни не само техничките предуслови за визна либерализација, туку и политичките критериуми за членство во ЕУ.

Ivica Bocevski
Ивица Боцевски се соочи со критиките на опозицијатаФотографија: Dragan Todorovski

„Нашата стратегија, во идниот период, е да не дадеме никакво алиби за натамошно одложување на процесот на европска интеграција на Република Македонија“, рече вице-премиерот за евроинтеграции, Ивица Боцевски.

Боцевски во текот на парламентарната расправа околу Резолуцијата за приоритетите во 2009 година за пристапување на Македонија во ЕУ, вчера попладне, се соочи со остри критики од опозицијата, чии пратеници тврдеа дека Македонија три години не направила чекор напред кон евро-интеграциите.