1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во „гето“ во срцето на Европа

Асумпта Латус/ Јулија Хан/ Марта Таневска8 септември 2013

Со бегството кон Европа, илјадници Африканци ги ризикуваат своите животи.Тие веруваат дека во Европа ќе најдат работа и ќе возат скапи автомобили.Меѓутоа тој сон се руши веднаш по доаѓањето во Италија или Грција

https://p.dw.com/p/19P5f
Фотографија: DW/J.Hahn

Летно попладне, сонцето пече, а ветерот силно дува во нестабилната колиба направена од пластика и картон. Пред неа, зујат муви околу помалите купишта отпад кои овде стојат со недели. Има околу десетина такви колиби. Нема чиста вода, нема струја, ниту санитарни јазли. Луѓето кои живеат овде го нарекуваат своето село „гето“.

Во една од колибите, петмина мажи лежат на душеци. До нив, има уште десет празни душеци на растојание од само еден сантиметар. Има и јажиња кои служат како ормани. Чевлите се наредени на подот, а пластични контејнери се користат за да се чува храната. Ова бедно место е домот на Ибра Мбаке Фака.Тој тука живее со уште дваесет мажи, главно од Западна Африка. Внатре мириса на застоен воздух. Ибра, бегајќи од сиромаштијата, го напуштил Сенегал пред 12 години. Стигнал на брегот на јужна Италија, ризикувајќи го животот на опасното патување на море. „Дојдов тука за да најдам добра работа и да заработам пари за да живеам подобро и да му помогнам на моето семејство во Сенегал“, вели тој.

Криза и неодоразбирање со семејството

32 годишниот Ибра е столар. Во почетокот успеал да пронајде неколку лошо платени работни места, односно берење на овошје и зеленчук. Тоа се работни места кои Италијаните не сакаат да ги работат. Меѓутоа, и Италија е во канџите на економската криза, па и тие работни места се ретки, што значи дека Ибра е заробен тука, без можност некаде да отиде. „Веќе пројдоа три месеци како ништо не сум пратил дома. Пробав да им објаснам дека немам работа, ниту пари да им пратам но тие не ми веруваат. Мислат дека ги запоставувам и уживам во својот нов живот во Европа“, вели Ибра.

Bildergalerie Einwanderung Immigration Italien Afrika Senegal
За Ибра Мбаке Фака би било пораз да се откаже и да се врати дома во СенегалФотографија: DW/J.Hahn

Ибра заработувал три евра за еден час, а парите му ги исплатувала Каполари, италијанско-африканската мафија. Дал отказ откако е одбиено неговото барање за договор. Ибра знае дека ако има договор, а ја изгуби работата, ќе добива пари од државата. Но Каполари, не се заинтересирани да се грижат за правата на работниците мигранти - тие земаат 50 отсто од парите кои ги заработува Ибра кај земјоделците. Од друга страна, земјоделците се задоволни што Каполари им носи евтина работна сила, така што немаат проблем да го даваат делот на мафијата. За Ибра би било пораз да се откаже и да се врати дома во Сенегал. Освен тоа, нема доволно пари за повратна карта, парите кои ги заштедил скоро и да ги нема. Поради тоа, поголемиот дел од времето го минува шетајќи покрај плантажите со овошје, надевајќи се дека некој ќе му даде работа. „Единствена организација која доаѓа понекогаш е „Каритас“ “, вели Ибра. „Во текот на претходните два месеца, од „Каритас“ дојдоа три пати и донесоа ориз, тестенини и домати“.

Bildergalerie Einwanderung Immigration Italien Afrika Senegal
Мигрантите кои живеат овде го нарекуваат своето село „гето“.Фотографија: DW/J.Hahn

Заробени на ничија земја

Десетици илјади африкански мигранти живеат во покраината Апулија, а поголемиот дел се таму нелегално. Само во првата половина од годината, според податоците на ОН, околу 8000 африкански мигранти стигнале до јужна Италија, на островот Лампедуза. Тие доаѓаат за во ЕУ да најдат работа, а многу од нив не ни остануваат во Италија. Тие кои остануваат завршуваат како нелегални работници на плантажите за зеленчук на криминалните банди како Каполари. Луѓето кои живеат во близина знаат за „гетото“ и неговите жители. „Многу Африканци доаѓаат овде и бараат работа“, вели еден од жителите. „Но, овде нема работа. Еднаш вработив еден од нив, но потоа веќе немаше работа за него“. Една жена која живее во близина ја обвинува државата за состојбата во која живеат овие мигранти. „Не сум била во ’гетото’ но сум слушнала дека луѓето таму живеат во ужасни услови. Можам да замислам како тоа носи и насилство, со оглед на тоа низ што поминуваат тие луѓе. Ова покажува дека државата не презема ништо“, вели таа. Меѓутоа, луѓето се плашат да се вмешаат во работата на Каполари. „Властите не ни помагаат воопшто“, вели Ибра.

Државата ја врти главата на друга страна

Градоначалникот Џанфранко Савино признава дека не преземал ништо за да им помогне на Африканците кои живеат во „гетото“. „Ние поминуваме низ економска криза“, вели тој, „што значи дека веќе имаме огромен број на луѓе кои може да се најдат во иста ситуација со тие кои живеат во ’гетото’. Од државната до локалната власт, Италија има огромен економски проблем, а помеѓу другото, дел од тој проблем е и прашањето на миграција“, завршува Савино.

Bildergalerie Einwanderung Immigration Italien Afrika Senegal
Во колибите нема чиста вода, нема струја, ниту санитарни јазлиФотографија: DW/J.Hahn

Архангело Маира е католички свештеник кој прави колку што може да им помогне на овие луѓе. Тој редовно ги посетува Ибра и другите Африканци, организира натпревари по италијански јазик и им пружа утеха таму каде што е можно. Сепак, тој признава дека е немоќен пред италијанската бирократија. „Кога гледам дека италијанските институции, како што е полицијата и службата за мигранти, не работат како што треба, почнувам да мислам дека тие се зад оваа ситуација и сакаат да ја задржат таква. Инаку, зошто не би го решиле овој проблем, со сета моќ која ја имаат и сите средства со кои располагаат?“, се прашува тој.

За Ибра, неговиот сон за подобар живот во Европа се претвори во ноќен кошмар. Се` што може да направи е да продолжи и понатаму да бара работа, додека живее во бедата која стана неговиот нов дом.