1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во вонредна состојба

Селма Кен / Александар Методијев27 август 2013

Полицискиот час, кој е воведен во многу египетски градови, би требал да обезбеди ред и мир во земјата. Но, многу граѓани на Египет се чувствуваат како затвореници. За некаква нормална состојба не станува ни збор.

https://p.dw.com/p/19WVk
Фотографија: Marwan Naamani/AFP/GettyImages

Во Египет е прогласена вонредна состојба. Полицискиот час кој трае од 21 до 6 часот наутро, а во петок од 19 до 6 часот, би требал да и помогне на војската напнатата ситуација да ја стави под контрола. Началникот на генералштабот Абдел Фатах ал-Сиси воведе полициски час, бидејќи дојде до вооружени судири меѓу војската и демонстрантите, по отстранувањето на протестните кампови на Муслиманското братство од плоштадот пред џамијата Раба ал-Адавија, што се случи на 14 август.

Жителите во речиси сите египетски градови можат само уште преку ден да излезат на улица, така што животот во таа земја не е отежнат само со политичката ситуација, туку и со полицискиот час. Многумина по завршување на работното време мораат да се борат со сообраќајниот хаос, па главно стигнуваат дома непосредно пред почетокот на полицискиот час.

Навечер нема социјален живот

„Ништо не стои на патот на убавината“, вели Ханан Моселхи. „Ниту револуцијата, ниту Муслиманското братство, ниту протестите“. Затоа 36-годишната жена тука ништо не може да ја спречи да оди на својот неделен маникир и педикир. Ханан работи како менаџерка во едно водечко регионално претпријатие. Таа секогаш мора да изгледа негувано и да биде убаво облечена. И покрај актуелните политички околности во Египет, таа и натаму работи, оди со колегите и клиентите во ресторани и кафулиња. Остатокот од работата Моселхи го извршува од дома, преку електронска пошта и конференциски разговори. Таа сака нејзиниот живот и натаму да тече нормално, колку што тоа е можно.

Ägypten Alltag
Порано на улиците во Египет беше раздвижено во текот на целиот денФотографија: Marwan Naamani/AFP/GettyImages

На Моселхи најтешко и’ паѓа полицискиот час. „Во моментов мојот социјален живот енормно страда“, вели Ханан, која живее со своите родители во отмената населба Тагамо во Каиро. „Со пријателите можам да се видам само во викенд и тоа во текот на денот. Здодевно е секоја вечер да се биде дома. Затоа и рано одам во кревет“, објаснува таа.

Слично се чувстувва и Махмуд Гома, кој слободното време, на кое е присилен, го користи за учење.

„Почнав да учам шпански“, вели тој. „Морам со нешто да се занимавам. Инаку порано бев од шест наутро до еден часот по полноќ секогаш некаде надвор“. Овој 30-годишен маж е вработен во меѓународна информатичка фирма и покрај ситуацијата во земјата, тој секогаш има работа. Вообичаено Гома по стресната работа се занимава со спорт, но тоа во моментов не може да го прави. Сега размислува да отпатува неколку дена во места каде не е воведен полициски час. Можеби на некое место на Црвеното море.

Несигурност и помали приходи

Ägypten Alltag (Mahmoud Gomaa)
Махмуд Гома сега наместо со спорт, за време на полицискиот час се занимава со учење шпански јазикФотографија: privat

Абир Хасан (38) живее со својот маж и три деца недалеку од плоштадот Тахрир во Каиро. Таа и нејзиниот маж водат мала автомеханичарска работилница, која привремено мораа да ја затворат.

„Моменталната ситуација многу не погодува“, вели Абир. „Едвај го преживуваме секој ден. Но, ако даде Бог, наскоро ќе биде подобро“. Абир засега работи во едно богато семејство како помошничка во домаќинството, за да заработи малку пари. Но, таа има други грижи.

„Се грижам за своите деца и својот сопруг“, вели Абир. „Ме фаќа паника ако сопругот доцни дома“. Тогаш таа тргнува да го бара по улици, без оглед на полицискиот час. На почетокот од септември ќе почне новата училишна година, а тоа и Абир и бројни други мајки ги прави несигурни.

„Не знам дали можам да ги испратам своите деца во училиште. Се плашам од напади и атентати, кои можат да се случат во секој момент“, вели Абир. Таа смета дека за очајната ситуација во земјата е одговорно Муслиманското братство. И покрај тоа што страда поради полицискиот час, таа сепак ја поддржува војската, бидејќи таа на тој начин има прилика да се грижи за мирот и редот.

И таксистот Хусеин Али Хусеин верува во генералот ал-Сиси. „Сакам ал-Сиси да биде избран за претседател“, вели Хусеин. Поради политичката ситуација, но и поради полицискиот час, тој заработува многу помалку отколку порано. „Едвај успевам да обезбедам пари за семејството“, вели 43-годишниот сопруг и татко на син, кој со семејството живее во центарот на Каиро. „Не можам себеси да си дозволам речиси ништо. Иднината е неизвесна“, вели Хусеин.