1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Животот на Кипар е преживување во хаос

Кристијан Улиг / Александар Методијев29 јуни 2013

Малата островска нација секојдневно добива лоши информации, без разлика дали тие се однесуваат на банкарските заштеди, невработеноста или дека државата ќе отиде во банкрот. Кипрани се незадоволни од ЕУ и властите.

https://p.dw.com/p/186up
Фотографија: Getty Images

На Кипар не може да се почувствува некакво олеснување. Во Анајија - село оддалечено 20 километри од главниот град Никозија, живее Атинула Фирини. Таа е вдовица и мора да преживее со скромната учителска плата. Со семејството таа на телевизија ги проследи судбоносните часови.

„До неодамна уште вистински живеевме. Секогаш многу работев и имав многу прекувремени часови. Ова е тешка работа, но барем секогаш врзував крај со крај. Она низ што сега минуваме - не го очекувавме. Ние Кипраните сметавме дека со влезот во ЕУ ќе ни биде понудена заштита. Барем таков беше нашиот сон“, вели наставничката Антинула Фирини.

Zypriotischer Präsdient Anastasiades in Brüssel Symbolbild
Кипрани од влезот во ЕУ очекувале заштита, а не удирање по нивниот џебФотографија: picture-alliance/AP

Нејзиниот син Сотирис се обучува за болничар. Тоа тој воопшто не би можел да си го дозволи без финансиската поддршка од мајка му.

„Јас гледам само дека ни е уништена иднината. Ние живееме во несигурност, се обучуваме или студираме неколку години, на товар сме на нашите родители. Но, на крајот немаме ништо од тоа, бидејќи не можеме да најдеме работа. Нам всушност ни преостанува само едно - да се отселиме“, вели идниот болничар Сотирис Фиринис.

Економската криза го притиска и сопственикот на супермаркет Николас Лау. Неговиот промет е намален за 20 проценти. Тој веќе мораше да отпушти работници. И, токму кај продуктите, кои добро се продаваат, има проблеми со дотурот.

„Полиците се празни, бидејќи мајките купуваат повеќе од вообичаено. Тие ја разграбуваат бебешката храна од страв дека може да ја снема. Мораме да увезуваме млеко во прав - важен прозивод кој во моментов е многу чувствителна тема“, вели сопственикот на супермаркет Николас Лау.

Zypern Kyrenia Hafen
На Кипар се вкотвени бројни јахти на руски граѓаниФотографија: Fotolia/zest_marina

Во популарната туристичка дестинација Лимасол во моментов релативно малку се чувствуваат овие грижи и проблеми. Во пристаништето за јахти се вкотвени бродови на претежно руски сопственици. Првите туристи пристигнаа и го обележија почетокот на сезоната.

„Само што пристигнавме. Си рековме, едноставно ќе ризикуваме, што и да се случува тука“, вели една руска туристка.

Дури и ако кризата се’ уште не е помината. Кипар веројатно и во иднина ќе може да прави планови сметајќи на своите плажи.