1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Жива библиотека“ во Инсбрук

27 март 2010

Луѓето-книги, кои може да се изнајмат во библиотеката во Инсбрук, се претставуваат со сопственото име и ја раскажуваат својата животна приказна. Проектот „жива библиотека“ во Инсбрук го осмисли Емир Ханџо од Сараево.

https://p.dw.com/p/McqK
Идејата е на Емир ХанџоФотографија: DW

Оваа приказна, љубителите на филмската уметност сигурно ќе ги потсети на ремек делото „Фаренхајт 451“ од францускиот режисер Франсоа Трифо. Криејќи се од режимот, чии службеници немилосрдно палат книги, оти сметаат дека знаењето и разновидноста на идеи и ставови можат да донесат само немир и збунетост, љубителите на пишаниот збор се повлекуваат на еден пуст остров. Таму секој од нив учи напамет по едно дело од светската книжевност. На крајот на филмот тие се претставуваат како „Држава“ од Платон, „Еврејско прашање“ од Сартр или како „Гордост и предрасуда“ од Џејн Остин.

Обид за надминување на границите кон доселениците

Луѓето-книги, кои може да се изнајмат во библиотеката во Инсбрук, се претставуваат со сопственото име и ја раскажуваат својата животна приказна. Идејата, според која се раководат, скоро е идентична со пораката од филмот на Трифо. Неговата замисла е дека разновидноста на ставови, идеи или етнички заднини, во секој случај е богатство, а не немир и збунетост. Проектот „жива библиотека“ во Инсбрук го осмисли Емир Ханџо од Сараево. „Во секојдневниот живот се‘ уште постојат граници во главите на нашите соседи, и сметам дека овој проект е мал придонес за поголема меѓуетничка толеранција, за подобра меѓусебна комуникација и за развивање на интеркултурниот дијалог. На јавноста сакаме да и‘ ја покажеме културната разновидност на нашите сограѓани, и сакаме да ги заштитиме правото и слободата на маргинализираните групи, кои во мејнстрим-медиумите честопати се прикажуваат во негативно светло“, вели Ханџо.

Menschenbibliothek
Луѓето раскажуваат романиФотографија: DW

„Живата библиотека со луѓе“ функционира така што посетителите на градската библиотека во Инсбрук, еднаш месечно можат да изнајмат човек-книга. Тој им ја раскажува својата животна приказна, односно одговара на нивните прашања. Пред средбата со „живите книги“, читателите-слушатели може да го прелистаат каталогот на интернет, и уште однапред може да одлучат која книга сакаат да ја „читаат“ тој ден. Така на пример, на располагање им стојат Хабиб од Курдистан, Паолин од Камерун, Фазел од Авганистан, но и неколку босанско-херцеговски наслови. „Јас сум Злата, доаѓам од Босна и Херцеговина и мојата тема е детството во војната. Кога почна војната имав седум години, и тогаш не ми беше јасно зошто се случува тоа“, така Злата од БиХ и‘ објаснува на една читателка на почетокот од разговорот, давајќи ја нејзината кратка содржина како книга, која таа ја изнајмила.

Емир Ханџо, кој живее во Инсбрук од 1993 година, покрај студиите по европска етнологија се занимава и со музика и култура. Тој вели дека во Австрија наместо да се зборува со странците, најчесто се зборува за нив, што смета дека е принципиелно погрешно. „Луѓето не сакаат да комуницираат меѓусебно, можеби затоа што се плашат да ја преминат границата и да стапат во контакт со својот сосед кој е можеби со потемна боја на кожата од нив, зборува друг јазик или се облекува поинаку. Ние се обидуваме да ги надминеме тие граници“, вели Ханџо.

Menschenbibliothek Pressekonferenz
Кристине Опиц Плерер и Емир ХанџоФотографија: DW

Рушење на стереотипи


Проектот „жива библиотека“ на австриската јавност за првпат и‘ е претставен во 2008 година. Тогаш луѓето-книги им стоеле на располагање на читателите по пет дена, на пет различни јавни места во градот. На почетокот луѓето не се осмелуваа да им пријдат на луѓето-книги и да започнат разговор. Но, со текот на времето атмосферата станувала поопуштена, посетителите станувале се‘ побројни, а некои разговори завршувале многу емотивно, објаснува Емир Ханџо. „На пример, кога на крајот од разговорот двајцата соговорници, кои дотогаш не се познавале, ќе се прегрнат, и остануваат прегрнати минута или две. Исто така еден читател на крајот од проектот, последниот ден, отиде дома и донесе торта, која ни ја предаде на нас организаторите и на „книгите“. Тоа се некои од малите гестови кои беа убави“, вели Ханџо.

Проектот „жива библиотека“ оваа година освен во Инсбрук ќе се одржи и во уште два града во австриската покраина Тирол. На прес-конференцијата одржана на почетокот на овогодинешната програма, заменикот- градоначалник на Инсбрук, Кристине Опиц-Плерер објасни дека целта на проектот е „запознавање на сограѓаните, рушење на стереотипите, како и одржување на социјалниот мир.“

Автор: Емир Нумановиќ/Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Симе Недевски