Жестоки протести во Бахреин пред одржувањето на трката во Формула 1
19 април 2013На протестите во Бахреин во текот на изминатата ноќ (18/19.04) дојде до судири на опозицијата и полицијата. Илјадници луѓе демонстрираа ширум земјата, барајќи поголемо почитување на човековите права и повеќе демократија. Според очевидци, на улиците биле запалени автомоблски гуми, а имало и блокади, вклучително и на улиците околу аеродромот во главниот град Манама. Полицијата употребила солзавец и заслепувачки гранати за да ги разбие демонстрациите. Демонстрантите извикуваа: „Нема Формула 1 во окупиран Бахреин“.
За денеска се планирани нови протести, се‘ со цел да се привлече вниманието на светот пред Големата награда на Бахреин врз барањата за реформи во авторитарната заливска држава. Опозиционерите од шиитското мнозинство во земјата веќе две години бараат повеќе права во Бахреин, земја во која со векови владее сунитската династија Ал Калифа. Во 2011 година трката во Формула 1 беше откажана, а во 2012 година беше проследена со протести.
Шефот на Формула 1 Берни Еклстоун не се возбудува поради протестите и денеска изјави дека „оној што сака да разговара за човекови права, треба да отиде можеби во Сирија“. Еклстоун и претседателот на Меѓународниот автомобилски сојуз ФИА, Жан Тот, во заедничка изјава претходно ја нагласија позитивната сила на спортот.