1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестока вербална пресметка на германските политичари

ЕМФ /агенции
14 февруари 2018

Политичката среда-пепелница не е ден на милост и поштеда. Политичарите на овој ден „пукаат“ жестоко со вербално оружје, дури и под појас.

https://p.dw.com/p/2sgBx
Bildergalerie Politischer Aschermittwoch - CSU - Söder
Маркус Зедер и Андреас Шојер од ЦСУ на собирот во ПасауФотографија: picture alliance / Sven Hoppe/dpa

Кога раководството на СПД се тресе, во ЦДУ се водат персонални дебати, а коалициониот договор е критикуван од сите страни, тогаш политичката среда-пепелница - денот пред почеток на Велигденскиот пост, кога политичарите фрлаат дрвја и камења едни кон други - е посебно жестока.

Генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Андреас Шојер, во Пасау на заб ги зеде социјалдемократите. Тој за заменикот шеф на СПД, Ралф Штегнер, со кого помина часови и часови во преговори за идната коалиција, рече дека е „црвена блатна кокошка“ и „левичарски чудак“, а неуспешниот СПД-шеф Мартин Шулц пак го нарече „надворешен министер“. СПД е „партија која се јаде самата себеси“, оцени Шојер. Маркус Зедер, врвен кандидат на ЦСУ за покраинските избори наесен, ја фалеше работата на својата партија и оцени дека нејзината татковинска политика е „извозен шлагер“. Истовремено тој најави потреба од враќање на избирачите на деснопопулистичката АфД кон ЦСУ со водење конзервативен курс. „За граѓанскиот центар тука сме ние. Но, ние сакаме и повторно да ги придобиеме демократските десничари“, рече Зедер на собирот во Пасау.

Bildergalerie Politischer Aschermittwoch - SPD - Scholz
Олаф Шолц (СПД)Фотографија: picture alliance / Karl-Josef Hildenbrand/dpa

Истовремено во Филсхофен вршителот на должност шеф на СПД, Олаф Шолц, побара доверба во неговата партија како отворена кон светот и пријателски настроена кон ЕУ политичка сила. Тој смета дека треба да се гласа за новата голема коалиција: „Две третини од она што стои во коалициониот договор, потекнува од социјалдемократската програма“, уверуваше тој. Шолц не е човек кој со засукани ракави крева врева на плоштадите, но сепак упати по некоја стрела во насока на политичките противници. Алудирајќи на шефот на ЦСУ, Хорст Зехофер и шефицата на ЦДУ, Ангела Меркел, Шолц оцени дека не само што „еден баварски политичар го пречекори зенитот на својата политичка кариера, туку тоа го направи и една жена од северот“.

Bildergalerie Politischer Aschermittwoch Lindner FDP
Кристијан Линднер (ФДП)Фотографија: picture-alliance/dpa/N. Armer

Шефот на ФДП, Кристијан Линднер, пред своите приврзаници во Динголфинг настапи како човек на разумот. Тој, со оглед на „противниците на системот“ во парламентот, ги повика останатите партии да се воздржат од полемики. ЦСУ најде да зборува да тоа дека други партии се јадат самите себеси, рече иронично Линднер, потсетувајќи на долгогодишниот судир меѓу Зехофер и Зедер. Затоа Линднер препорачува „малку помалку злоба“. Истовремено, тој немаше комплименти за коалициониот договор на ЦДУ, ЦСУ и СПД. Според него, на 152 од вкупно 177 страници на договор се наоѓа зборот „натаму“. „Во овие времиња нема ништо поопасно од 'и натаму така'“, оцени шефот на либералите, додавајќи дека по 12 години му е дојден крајот на „методот Меркел“.

Deutschland Politischer Aschermittwoch - Grüne - Robert Habeck
Роберт Хабек (Зелени)Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Gebert

Од редовите на Зелените на оваа среда-пепелница се обрати новиот претседател Роберт Хабек. Тој се „забавуваше“ со ЦСУ и заклучи дека партијата сега конечно ја постигнала својата цел - Министерство за татковина во Берлин. „А, Хорст Зехофер ќе биде протеран таму. Така е кога ќе бидеш протеран.“

Членовите и приврзаниците на деснопопулистичката АфД беа собрани во Остерхофен. Партискиот претседател Јерг Мојтен во својот говор еднакво ги критикуваше и партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и СПД. За ЦДУ рече дека партијата има само една единствена цел - „да ја задржи власта буквално по секоја цена“. Партиите на Унијата, според него, веќе не застапуваат конзервативни позиции. „Тие веќе и не знаат што е љубов кон татковината“, смета Мојтнер. Во врска со СПД тој е на мислење дека партијата нема политички рбет, затоа што прво фрлала дрвја и камења по Унијата, а потоа молела за коалиција со ЦДУ и ЦСУ. Социјалдемократите имаат „помалку рбет од црвено гумено бонбонче“, рече Мојтнер.

Bildergalerie Politischer Aschermittwoch - AfD
Јерг Мојтен (АфД)Фотографија: picture alliance / Armin Weigel/dpa

Собирот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на среда-пепелница почнува вечерва, во Демин, а на него ќе зборува Ангела Меркел.

Повеќе:

Драма кај социјалдемократите

Меркел оди во офанзива наспроти критиките од својата партија

Карневалистите им се потсмеваат на Меркел, Шулц и Трамп

Политичката среда-пепелница, која потекнува од традицијата на големите сточни пазари во Баварија, е родена на 5 март 1919 година, кога баварскиот сојуз на селани упатил покани за првото „Големо народно собрание". Во кафеаните се дискутирало возбудено, а кој најостро ќе го нападнел оној што мисли поинаку добивал најмногу аплауз.

Среда-пепелница долго време беше домен на баварската ЦСУ, а социјалдемократите се приклучија со свои собири во средината на 60-те години од минатиот век. Во меѓувреме, тоа е ритуал секоја година и на партиите на зелените и на либералите. Покрај тоа и надвор од Баварија средбите на среда-пепелница доживуваат вистински подем. Денес веќе сите политички партии во Германија организираат вакви средби пред почетокот на постот.