Жерновски: Азилот и натаму се гледа низ машка призма
9 октомври 2010Во усвоената резолуција и препорака, ПС на СЕ ги повикува државите-членки на Советот при обработката на барањата за азил, поднесени од припадничките на понежниот пол, особено да се осврнат на факторите како насилството и репресијата врз нив, бидејќи тоа се едни од најчестите причини што ги тераат жените да ги напуштат своите татковини и да бараат заштита во друга земја.
„Кога жените бараат азил, тие треба да бидат интервјуирани од жени, превeдувачите да бидат жени и, што е многу битно, формуларите да не ги пополнуваат нивните мажи или роднини, туку жената сама да ја каже приказната, онаква каква што е. Сметам дека ова, како што беше кажано, е важен исчекор и за Совет на Европа“, истакна известувачот, македонскиот парламентарец Андреј Жерновски.
Затоа ПС на СЕ побара од Комитетот на министрите да подготви студија за начинот на кој државите членки на СЕ ги разгледуваат барањата за азил, поднесени од жени, со прецизни бројки, како и со конкретни примери и инструкции за практиката во оваа област.
Советот на Европа е предворје на Европската Унија
Андреј Жерновски, член на групата на европските либерали при ПС на СЕ, е третиот македонски парламентарец, кој бил известувач во изминативе петнаесет години, откако Македонија е членка на Советот на Европа.
„Овде не само што немаме пречки да бидеме избрани за известувачи, туку напротив, Советот не` поддржува, зашто сака повеќе земји да бидат вклучени во тој процес. Причината ја барам во слабата индивидуална активност на досегашните пратеници, пак доаѓаме до нашето убедување дека нема што да бараме надвор од македонските граници. Тоа е сосема грешна перцепција, овде не зборувам само за политиката, туку и воопшто како граѓанин. Сигурен сум дека на сите им се дава иста шанса и мислам дека таа шанса треба да ја искористиме.“
Жерновски смета дека во Македонија не се знае доволно за Советот на Европа, затоа што јавноста е најмногу фокусирана на Европската Унија.
„Советот на Европа е предворје на ЕУ и, што е најважно за самите парламентгарци, искуство кое е драгоцено. Не можете одеднаш да скокнете неколку скалила. Ако направиме анализа на поранешните и актуелните парламентарци во Европскиот парламент, ќе видиме дека огромен број од нив најпрвин биле пратеници во Советот на Европа. Тоа кажува дека искуството овде е драгоцено и дека ако се занемари значењето на Советот на Европа, односно Парламентарната асамблеја, се јавува голем ндостаток“, заклучува Андреј Жерновски, член на македонската делегација при ПС на СЕ.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Трајче Тосев