1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените се понекогаш премногу срамежливи

9 март 2011

Како на раководни позиции да дојдат повеќе жени? За ова прашање во Германија се водат огорчени дискусии во политиката и стопанството. На Франкфуртскиот аеродром, жените се застапени со 20 проценти во раководните функции.

https://p.dw.com/p/10VF3
Фотографија: picture-alliance / Tobias Kleinschmidt

Жестоки спорови во Германија околу застапеноста на жените на врвни позиции. Едни бараат воведување квоти за застапеност на жените на водечки позиции, други тоа го отфрлаат како недозволиво мешање во фирмите. На Меѓународниот ден на жената сакаме да покажеме каде се „сопнуваат“ жените на патот кон врвот и како, сепак, успеваат. За таа цел го одбравме Франкфуртскиот аеродром, каде жените се застапени со 20 проценти во раководните функции, еден од врвните примери во Германија.

Пресудна е одлучноста и желбата

Седумипол часот наутро на аеродромот во Франкфурт. Клаудиа Уе започнува со контрола. Таа е раководител на фирма чиј основач е Аеродромот, нејзе и‘ се подредени околу 5 илјади соработници, меѓу кои и надлежните за безбедност. Значи, таа далеку дотерала, а за нејзината кариера биле пресудни две нешта: „Желбата да создаваш и да му предложиш на оној на повисокото раководно скалило: јас ја сакам таа улога. Сметам дека тоа е темата каде потфрлаат многу жени, кои се премногу срамежливи за јасно да дадат на знаење дека сакаат раководна улога“.

Клаудиа Уе студирала економија на претпријатија, значи ги имала споредбено истите шанси за кариера како и мажите, но како и многу жени, долго се задоволувала со улога во вториот ред, вредно работејќи за својот шеф, се‘ додека еден ден не се совпаднале повеќе работи: „Сознанието дека јас сум способна за тоа, и второ, што повеќе не можев да ја издржам фрустрацијата другите да се китат со моите резултати“.

Frauenquoten-Konzepte in der Diskussion
Понекогаш е пресудна и желбата за стигнување до раководно местоФотографија: Picture-Alliance/dpa

Да се усогласи кариерата и семејството

Клаудиа Уе ужива голем углед, меѓу другото и затоа што успеала паралелно во кариерата и семејството - таа има дете. „Кога се роди нашиот син, бев во фирма каде беше можно породилно отсуство или скратено работно време. Додека растеше синот, испробавме различни модели на згрижување, а моментно, кога тој е во пубертет, мојот маж го редуцира своето работно време за да поминува повеќе време со детето“.

Еден кат погоре се наоѓа Персоналното одделение. Таму се горди на раководните лица како Клаудиа Уе. Фирмата не е заинтересирана за квоти за жените, пресуден е квалитетот. За да ги поддржи жените, претпријатието применува посебни методи: „Семинари, каде се разгледуваат теми како: што ми е уште потребно за да преземам раководна позиција, каков тренинг ми е потребен, кои се позициите кои доаѓаат предвид за мене, значи - понуда на соодветна поддршка“, истакнува Зилке Нихаус, раководител на Персоналното одделение.

И Клаудиа Уе профитирала од вакви семинари. Таа ужива во шефовската позиција, но свесна е дека во кариерата ја добила и неопходната поддршка.

Автор: Милтиадес Арсенопулос/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска