1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените од македонските села се третираат како репродуктивни „машини“!

Владимир Калински7 септември 2013

Според официјалните податоци жените од руралните средини во Македонија се наоѓаат во неповолна положба. Тие се соочуваат со низок степен на информираност, особено за нивните права загарантирани со Уставот и Законите.

https://p.dw.com/p/19dQT
Фотографија: DW/S. Toevskii

Руралното население се соочува со недостаток на основни материјални услови неопходни за минимален квалитет на живот. За тоа влијаат повеќе фактори, како недоволно развиена патна инфраструктура, користењето на транспорни средства и ограничена понуда на јавни услуги.

Вакви заклучоци се забележуваат во неколку научни студии кои ја анализираат родовата рамноправност и животните услови во руралните области во Македонија. Истражувачката студија на Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од 2012 година, насловена „Перспективите на жените од руралните средини“, обезбедува докази за начините на кои животот во руралните средини влијае врз жените, а се разликуваат од влијанието врз мажите.

Иако Македонија има воспоставено механизми за еднакви можности, во студијата се вели дека сеуште проблем е преточувањето на нормативните рамки во дела и резултати, кои ќе го подобрат животот на жените, особено на најранливите или исклучени групи.

Анализа според податоците од истражувањето на ЦИКП

Руралното население претежно живее во Полог, југоисточниот и југозападниот дел на Македонија. Според официјалните статистички податоци 45% од населението живее во руралните средини, односно над 915 илјади жители, од кои половина се жени.

Symbolbild Model Schwanger
Фотографија: imago/CHROMORANGE

Речиси во сите сфери на општеството, руралните жени се најисклучената група во споредба со руралните мажи или пак со урбаните жени и мажи. Жените од селата се соочуваат со ограничени можности за движење, без пристап до информации и расположливи можности за личен развој.

Тие не можат сами да одат на доктор или да ги носат децата во градинка. Ситуацијата ја отежнуваат и родовите стереотипи, како на пример општо прифатеното мислење во селата дека нема потреба жените да имаат возачка дозвола. Еве како жена Македонка од селото Извор ги објаснува своите околности: „Нема кој да ги чува моите деца, а во близина нема детски градинки и јас не можам да барам работа“.

Жена Албанка, пак, од село Мислодежда размислува на следниот начин: „Во нашата заедница жените не возат, тоа е само за мажи. Јас не возам, не ни сакам да научам, бидејќи се плашам“.

Неразвиената инфраструктура во селата го отежнува пристапот до училиштата. Податоците покажуваат дека руралните жени имаат пониско ниво на образование во однос на руралните мажи, а особено во однос на урбаните жени. Само 5% имаат завршено средно или универзитетско образование. 23% од нив или воопшто не се образовани или пак имаат недовршено основно образование. Оние што сакаат да се стекнат со високо образование се селат во урбаните центри, а голем дел од нив таму и остануваат поради поголемите можности за вработување. Еве што вели Мекедонец, жител на селото Долни Дисан: „Мајките ги охрабруваат своите ќерки да го напуштат селото. Им велат: Оди учи во град и гледај да се омажиш таму“.

Жените немаат мотив да останат да живеат на село, особено оние што успеале да се стекнат со високо образование: „За нас, жените со универзитетско образование, нема иднина во селото. Сите бараме работа во град, но работа тешко се наоѓа“, вели жена од село Длабочица.

Mazedonien Familie Apostolovski
Жените од селата се соочуваат со ограничени можности за движењеФотографија: DW

Ниската свест за користењето на здравствените услуги и ограничениот пристап до основните здравствени институции, прави ретко кои од луѓето од рурална Македонија да посетува општи лекари. За услуга од специјалист потребно тие треба да пешачат во просек час и половина. Многу жени од селата посетуваат гинеколог еднаш во 5 години или поретко: над 52% Македонки, 43% Албанки и 64% Турчинки. Како препреки за жените да посетуваат доктор се јавуваат културните табуа како и традиционалните конзервативни вредности:

„Овде е прашање срамот, а не би требало да биде. Жените посетуваат гинеколог само ако имаат проблем и не одат на редовни контроли. Голем број на жени не одат на преглед, зошто не се информирани. Се срамат... Дури и да има гинеколог во селото, тие не би оделе почесто на преглед, бидејќи би им било срам да ги видат таму. Наредниот ден би и било срам да се поздрави со луѓето на улица“, вели една од анкетираните жени.

Младите жени од селата тешко се пробиваат на пазарот на трудот. 3 од 4 се невработени, а нивната основна улога е да бидат добри сопруги и мајки и ако имаат мислење да си го чуваат за дома, зашто во јавност жената не би требало да знае повеќе од мажот. За тоа што ќе го сработат дома или на семејните фарми тие не се платени и финасиски се зависни од своите сопрузи.

„Ние сме домаќинки, не бараме работа. Истовремено нема работа за мажите, тие се невработени, а ние имаме многу работа дома: переме, готвиме за семејството, домашни работи... Јас седам дома и ги работам домашните работи, не работам никаде. И ние жените треба да работиме, но нема што да се работи, дури и да се најде работа не верувам дека сопрузите ќе ни дозволат.“

За јавните прашања, пак, жените во селата скоро и не се прашуваат за мислење. Иако учествуваат како гласачи, само 3% би се вклучиле во активниот политички живот - како активни во политичка партија и ниски 2% би учествувале на јавни дебати или општински состаноци: „Што и да кажеме, ништо нема да биде прифатено. Ќе отидеме таму, тие зборуваат, ние слушаме и кога ќе завршат си одиме. Не не прашуваат за мислење и многу често не можеш да дојдеш до збор“, вели жена Македонка од Ново Село.

Жени земјоделци како позитивни примери

Студијата на ЦИКП обезбедува препораки за централната и локалните власти за подобрувањето на условите за живот на жените во руралните средини.

Schwangerschaft - Ultraschall
Многу жени од селата посетуваат гинеколог еднаш во 5 години или пореткоФотографија: picture alliance / dpa Themendienst

Една од препораките е за да се подобри животниот стандард на жените во руралните средини, земјоделството за нив мора да стане поатрактивна актвност, преку обезбедување на еднаква исплата и преку промовирање на жените земјоделци како примери кои останатите жени може да ги следат. Локалните власти треба да го обезбедат учеството на жените од руралните средини низ целиот процес на развој на политики: креирање, планирање, спроведување...

Дали националниот за родова рамноправност план донесе разултати?

Македонската Влада пред шест години го донесе Националниот план за акција за родова рамноправност (2007 - 2012), со цел да се унапреди статусот на ќените во повеќе сфери и да се имплементира Законот за еднакви можности на мажите и жените.

Одговорен субјект за имплементација на планот е Министерството за труд и социјална политика, преку Секторот за еднакви можности. Од таму побаравме одговори за тоа во кои од приоритетите на Планот е постигнат најголем напредок и колку тој обезбеди подобрување на положбата на жените во руралните средини? Од таму не известија дека за да добиеме одговори на прашањата треба да им дозволи министерот, а до објавувањето на текстот одговори не добивме.