1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените во Турција се’ почесто на водечки позиции

Ајхан Шимшек/Б. Георгиевски2 февруари 2013

Водечките турски компании се почесто именуваат жени на водечките позиции и во управните одбори. Речиси 26 отсто од водечките раководители во најмоќните турски компании се жени - далеку над просекот во ЕУ.

https://p.dw.com/p/17TTS
Фотографија: picture-allianc/dpa

Минатата недела германскиот технолошки гигант Сименс ја избра познатата турска стопанственичка Гилер Сабанчи во својот надзорен одбор. Таа потекнува од познатото семејство Сабанчи, едно од најбогатите во Турција, но успехот дојде благодарение на нејзините индивидуални напори и постигнувања како раководител на семејниот конгломерат со кој постигна меѓународен успех. Во 2012. година Форбс ја смести во листата на 100 најмоќни жени во светот.

Додека во ЕУ се води голема дебата околу тоа како да се зголеми бројот на жени на водечки позиции преку посебно квоти, водечките турски компании веќе можат да се пофалат со импресивен број жени на највисоки позиции.

Güler Sabanci türkische Unternehmerin
Гилер СабанчиФотографија: Sabanci Holding

Позитивен пример

Лале Сарал Девелиоглу е заменик генерален менаџер и шеф на одделот за меѓународен бизнис во турскиот комуникациски и тенхонолошки гигант Туркцел. Таа раководи со филијали на компанијата во осум земји, вклучително и со Туркцел Европа.

„Високиот број на жени раководителки во Турција е честопати изненадување за нашите колеги од Германија и во други европски земји. Ние сме многу горди на тоа“, вели Девелиоглу за ДВ.

Жените се соочуваат со повеќе предизвици во светот на бизнисот и во нивните кариери, но со поставување јасни правила за родова еднаквост и нивна имплементација во компаниите, може да се намали родовата нееднаквост, вели Девелиоглу.

Денес околу 35 проценти од раководители во нејзината компанија се жени, а севкупно, жените сочинуваат половина од персоналот. Туркцел презема серија мерки за да го олесни работењето на жените. Меѓу другото, компанијата им нуди посебна здравствена заштита на мајките и на нивните деца, а во просториите на фирмата има и посебни јасли и приватни соби за мајките кои треба да ги дојат своите бебиња.

Другата страна на медалот

И покрај овие позитивни сигнали, Турција е сепак на дното во европски рамки кога станува збор за генералното учество на жените на пазарот на трудот. Дискриминацијата и насилството врз жените се’ уште се меѓу најгорливите проблеми во Турција.

Türkei Businessfrauen Lale Saral Develioglu
Лале Сарал ДевелиоглуФотографија: Turkcell

Во целина, учеството на жените во раководните позиции на турските компании не достигнува ни 10 проценти, вели Мурат Јесилдере од меѓународната компанија за човечки ресурси Егон Цендер. Учеството би било и помало доколку од целото се исклучат семејните бизниси.

Што се однесува до целиот пазар на трудот на државно ниво, таму состојбата е уште полоша. Според претседателката на Здружението на жени претприемачи на Турција, Сема Кендирчи, бројот на жените кои работат во последната деценија постојано паѓа. Процентот на вработените жени паднал од 35 на речиси 25 отсто во последните 10 години, што е далеку под европскиот просек.

Охрабрување за обесправените

Женските бизнис-лидери се уверени дека можат да ја променат оваа слика преку посебни проекти за невработените жени и за таа цел постои посебна соработка со НВО секторот на неколку проекти. Еден од најуспешните е „Кокичиња“.

Türkei Businessfrauen
Учеснички во проектот „Кокичиња“Фотографија: Turkcell

„Од 2000. година со овој проект беа опфатени илјадници девојчиња кои немаа можност да одат на училиште и беа обезбедени 95 илјади стипендии за нивна едукација. Сега обезбедуваме 10 илјади стипендии годишно за да обезбедиме еднакви родови можности во образованието“, вели Девелиоглу. Со друг проект се обезбедуваат микро кредити за 55 илјади потенцијални претприемачки со ниски приходи.

Иако состојбата со правата на жените во Турција се’ уште е во сивата зона, растечкото учество на жени во високите кругови на бизнисот отвора нови перспективи.

Како што вели и Лале Девелиоглу, присуството на жени на највисоките функции не само што ги збогатува компаниите во кои работат, туку ги охрабрува и другите жени да тргнат по нивните стапки.