1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жена пронајдена жива во урнатините во Бангладеш

СН/ЕМФ/дпа/афп/бета10 мај 2013

17 дена по уривањето на повеќекатницата во близина на главниот град на Бангладеш - Дака, една жена беше пронајдена жива во урнатините на зградата.

https://p.dw.com/p/18VKe
Фотографија: Reuters

Спасувачките екипи во Бангладеш денеска (10.05) од под урнатините на зградата која се урна на 24 април годинава пронајдоа преживеана жена, соопшти за светските агенции, шефот на противпожарната служба во Дака, Ахмед Али.

„Жената беше локализирана во простор меѓу греда и столб. Се вика Решми. Можеби имала малку вода или пак ја пиела водата што ја уфрлавме во зградата“, изјави Али.

Еден од спасувачите изјави дека жената повикувала на помош додека екипите ги расчистувале урнатините на повеќекатницата во која беа сместени пет фабрики за текстил.

„Додека ги отстранувавме остатоците од урнатата зграда довикувавме за да видиме дали има преживеани. Тогаш ја слушнавме како повикува: Ве молам спасете ме“, раскажа овој спасувач за приватната бангладешка телевизија Сомој.

Според последните информации, 1006 луѓе загинаа во уривањето на зградата во која во моментот на несреќата се наоѓале преку 3000 лица.

Повеќе од 2400 лица беа повредени во несреќата која го стави Бангладеш под притисок да ги исполни меѓународните стандарди за текстилната индустрија, која има удел од 79 проценти во извозот на оваа азиска земја.

Ова е најголема несреќа во историјата на текстилната индустрија во Бангладеш, трет по големина производител на текстил во светот.