1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Желбата да се патува и стравот од кризата

Сабине Кинкарц / Елизабета Милошевска Фиданоска6 март 2013

Во Берлин почна најголемиот светски саем на туризам ИТБ. На Туристичката берза годинава се презентираат повеќе од 10.000 излагачи од 188 земји. Браншата е одлично расположена, туризмот е во подем.

https://p.dw.com/p/17rVS
Фотографија: Fotolia/yamix

По облаците, снегот и дождот кoи траеја сo недели, над Берлин повторно има сино небо. Тоа го донесовме ние, вели министерката за туризам на Индонезија со широка насмевка. Јужноазиската република годинава е земја партнер на Меѓународната туристичка берза (ИТБ) и има 120 излагачи на саемот.

Интенцијата е Индонезија да се презентира како еколошка туристичка цел и на Германците да им се предочи дека земјата не се состои само од островот Бали. Дури две третини од сите германски туристи во Индонезија одат на Бали. Туризмот во Индонезија во последната година бележи пораст од 5,2 проценти.

ITB 2013 Partnerland Indonesien
Индонезија е земја партнер на годинашната ИТБФотографија: imago stock&people

Земјата профитира од трендот кој е забележлив во цел свет. Светската туристичка организација УНВТО пред неколку недели објави дека во 2012 година првпат имало повеќе од една милијарда туристички сместувања. До 2020 година се очекуваат дури 1,6 милијарди туристи.

Германците остануваат светски шампиони во патување

Со одмор може да се заработува и тука Германците играат голема улога, зашто тие важат за нација која многу сака да патува. Само една третина од германските туристи останува во татковината. Две третини од Германците одат во странство. Германските туристи минатата година потрошиле речиси 64 милијарди евра на патувања во странство, односно 2,2 милијарди евра повеќе во споредба со годината претходно.

Urlauber in Italien Strand von Rimini
Италија е стандардна туристичка цел за ГерманцитеФотографија: picture-alliance/dpa

Најомилени туристички цели се Шпанија, Италија и Турција, и тука и ова лето нема да се промени ништо. Сепак, како што вели Јирген Бихи, претседател на Германскиот туристички сојуз, се предвидува камбек за Грција. Таа земја, по значителниот пад на туристичките резервации лани, повторно се опоравува и кај многу туристички агенции е во двоцифрен плус.

„Тоа особено не‘ радува, зашто Грција е една од најважните дестинации за германската туристичка индустрија“, вели Бихи. „Поради непрекинатата гостопримливост и квалитетот во сферата на одморите, гостите повторно имаат доверба во оваа туристичка цел и се враќаат.“

Северна Африка повторно губи

Равој кој во 2012 година можеше да се забележи и во Тунис и Египет. Во 2013 година изгледа веќе поинаку. Досега северноафриканските земји не успеаја да ги надградат минатогодишните успеси. Назадување има и во туризмот на Кипар, Малта, Австралија, како и јужна и источна Африка, пред се‘ во Кенија, Намибија и Јужноафриканската Република. Германците реагираат чувствително на кризи. Нивната потреба за безбедност е многу голема. Тие за својот одмор одвојуваат се‘ повеќе пари, но затоа пак тој мора да биде перфектен.

Luxus-Resorts
Луксузните патувања се се‘ побараниФотографија: Fotolia/Marianne Mayer

Особено голема е побарувачката на луксузни патувања и тоа не само за одделни дестинации кои се познати по луксуз, како Малдиви, Сејшели, Маурициус или Обединети Арапски Емирати, туку лускузните понуди се бараат и на класичните дестинации, нагласува Бихи.

По плусот од 5,5 проценти минатата година и рекордниот износ од 24,4 милијарди евра, Германскиот туристички сојуз предвидува дека годинава ќе биде забележан уште поголем обрт, односно дека ќе има пораст од 3 до 4 проценти.