Ештон: нема повеќе услови за Србија
10 јули 2013Високата претставничка на ЕУ Кетрин Ештон му оддаде признание на српското раководство во донесувањето тешки одлуки и соочувањето со големите политички предизвици, што, како што истакна, резултирало со едногласна одлука на членките на ЕУ да отворат преговори со Србија без нови услови. Ештон изразила задоволство и од тоа што Србија веќе ги почнала подготовките за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
„Тоа е процес полн со предизвици и затоа е добро да се види дека Србија се подготвува. И ние ги почнавме подготовките, Европската комисија работи на подготовката на рамката за преговори и се подготвува да ја претстави на државите членки“, рече Ештон по состанокот со српскиот претседател Томислав Николиќ, премиерот Ивица Дачиќ и вицепремиерот Александар Вучиќ. Ештон истакна дека одлуката да се отворат преговори со Србија е историска.
„Сиот тој труд (на раководството на Србија) го потврди секоја членка на ЕУ со едногласното донесување на одлуката за отворање на пристапните преговори. Оваа одлука е донесена без какви било нови услови“, нагласи високата претставничка на ЕУ.
Дачиќ по разговорите кусо изјави дека очекува Србија да биде следната нова членка на ЕУ.