1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ефикасноста на лековите зависи и од времето на пиење

Штефан Габелт / Елизабета М. Фиданоска31 мај 2013

Ефикасноста на еден лек зависи и од тоа во кое време од денот или ноќта тој се зема - вака гласи тезата на група научници од Хајделберг. Тие својата теза ја докажуваат со експерименти врз животни.

https://p.dw.com/p/18fFS
Фотографија: DW

Во нас отчукува - човекот има таканаречен внатрешен часовник, кој дава сигнал што помага за навремено спроведување на определени процеси. И имунолошкиот систем е цврсто врзан за „давачот на такт“. Веќе не е спорно дека доколку лековите се даваат во определено време, тие функционираат подобро.

Работната група Хронофармакологија на Бјерн Лемер, тестира лекови во определени делови од денот. Тезата на германскиот истражувач гласи - упатството за земање таблета три пати дневно не е доволна. Тој прави експерименти со стаорци, кои живеат во точно контролирани временски циклуси ден-ноќ и добиваат средство за крвен притисок во точно дефинирано време.

Со помош на мали трансмитери кои им се вградени претходно, тимот добива податоци за реакцијата на крвотокот на животните, без притоа тие да бидат вознемирувани постојано. Трансмитерите имаат големина на мала монета.

Хронофармакологот Бјерн Лемер од универзиттеот Хајделберг, вели: „Најважно е што прво мора да се знае дека крвниот притисок дење и ноќе не е еднаков. Во текот на ноќта тој нормално се спушта. При нашите опити со стаорци имаме различни експериментални модели кои имаат нормален крвен притисок и такви кои имаат повишен крвен притисок, односно кај кои притисокот не се снижува во текот на ноќта. Кога на овие животни, на почетокот на периодот на мирување ќе им дадеме лек за снижување на крвниот притисок, не само што се спушта притисокот, туку добиваме повторно нормален ден-ноќ профил на крвен притисок.“

Symbolbild Alte Menschen Sucht Pillen Medikamente
Фотографија: picture-alliance/ZB

За разлика од луѓето, стаорците ноќе се активни, што значи имаат свои фази на одмор во текот на денот. Една доза од средството за снижување крвен притисок дадена пред почетокот на фазата на мирување, е доволна за целиот период на мирување. Тоа, преведено во случајот на човекот, значи дека ако се испие лек за снижување крвен притисок навечер, тој ќе има подобар ефект.

„Тоа е од големо значење затоа што многу пациенти со висок притисок, диабетичари, луѓе со заболени бубрези имаат профил на висок притисок кој не се намалува значително во текот на ноќта. Тоа може да резултира со оштетување на органите, мозочен удар, ангина пекторис, срцев удар, лошо функционирање на бубрезите, проблеми со крвотокот. Тоа јасно покажува дека не само што мора да го намалиме притисокот, туку мора да се постигне повторно психолошки профил ден-ноќ, преку навремено давање лекови“, нагласува Лемер.

Ако давањето лекови се прави индивидуално, според внатрешниот часовник на луѓето, може да се заштеди на лекови. Хронофармаколозите претпоставуваат дека на тој начин се намалуваат и несаканите споредни дејства на лекот.