1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ефектите од Рамковниот договор по девет години имплементација

12 август 2010

Од тезата дека Рамковниот е мртов, до оцена дека е база за натамошен развој на Македонија како мултиетничка држава, варираат ставовите на аналитичарите кои ги анкетираше ДВ по повод годишнината од потписот на документот.

https://p.dw.com/p/Om1W
Фотографија: Petr Stojanovski

Дали Македонците и Албанците се интегрирани, дали се познаваат доволно, дали се почитуваат, дали си веруваат едни на други? Во одговорите на овие „да - не“ прашања се содржи оценката за ефектите на Рамковниот договор по девет години имплементација. Во секој случај, таа неможе да биде црно бела, сликата е мозаик од милиони парчиња на теренот, распослани по територијата на државата.

Skopje Zentrum
СкопјеФотографија: DW

За мнозинството, Охридскиот договор и натаму е документот што го запре конфликтот во 2001 година, го затвори албанското прашање и го врати мирот во земјата. Но од година во година, се’ поголем е бројот на оние кои не мислат така. Многумина гласно го прогласуваат Рамковниот за мртов и бараат нов договор меѓу Македонците и Албанците. Еден од неговите креатори, професорот Владо Поповски, е уверен дека Охридскиот договор и денес е совршен модел за натамошен развој на Македонија. „Охридскиот довор го содржи принцпипот на инклузивност, принципот на децентрализација, на регионализација и на тој начин ние практично создаваме структури кои се доближуваат до Европската унија.“

Поддршка од меѓународната заедница

Договорот потпишан на 13 август 2001 година и натаму ужива силна поддршка од меѓународната заедница. Странскиот фактор, кој имаше клучно влијание и при неговото донесување, постојано бара доследно спроведување на договорот што и денес го смета за рамка за меѓуетнички соживот и евроатланска перспектива на државата. „Состојбата во Македонија денес е многу подобра отколку пред девет години. Не може ни да се споредува. Помирувањето е речиси завршено, сега земјата треба да премине во нова фаза на интегрирање на зедниците. Тоа е предизвикот што се отвора пред нас“, изјави за Дојче веле, Хосе Луис Хереро, амбасадор на ОБСЕ во Македонија.

Mazedonien Aracinovo Dorf in Mazedonien in der nähe von Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Живееме едни покрај други, изолирано, а не интегрирано, секој во својот свет, ми рече неодамна еден млад Албанец интелектуалец. Го прашувам амбасадорот Хереро за неговиот впечаток: Дали по девет години се’ уште се чуствува духот на Рамковниот договор? „Се согласувам делумно. Во некој дел е навистина така, во нешто е многу подобро. Но во секој случај е нешто за кое земјата треба серизно да размисли. Бидејќи не се работи само за гарантирање на правата на малцинствата, станува збор за повеќе од коегзистенција, за интеграција. Ова е прашање не само за политичарите, туку и за граѓаните“.

Критики за Рамковниот договор

Рамковниот го поддржуваат поголемиот број релевантни политички партии. Не и опозициската ДПА, партија - потписник на документот, која лани ова време го прогласи за мртов и побара нов договор меѓу Македонците и Албанците. Дека Рамковниот не е фунционален смета и аналитичарот Ким Мехмети: „Духот на Охридскиот довор подразбира едно за иднината на оваа земја да одлучат сите заедно. За да биде така треба власт што владее со земјата, а не двовластие какво што има од 2001 година наваму. Македонски коалиционен партнер, којшто одлучува за македонскиот дел на Македонија и вазалски однос на албанската политичка партија во власта на која и’ се дозволува во нешто да владее со Албанците. Зарем е тоа смислата на Охридскиот договор?“

Panoramabild von Ohrid
Фотографија: Petr Stojanovski

Меѓу најжесотоките критичари на Рамковниот договор уште од самиот почеток е новинарката Мирка Велиновска. Според неа Договорот е штетен за државата освен во својата суштина и во начинот на донесување. „До него не е дојдено по пат на политички дијалог туку по пат на употреба на сила, преку војна за која и ден денес не знаеме дали била вистинска или фингирана.“

Соживотот во Македонија

Денес поголемиот број од обврските предвидени во Рамковниот договор се исполнети или се во завршна фаза. За илсутрација, во поглед на соодветната застапеност на Албанците во државната администрацијата од само шест проценти од вработените во 2001 година, денес 16 проценти се Албанци. Но, за Македонија соживотот и натаму е искушение на кое секојдневно треба да се одговара. Иднината ќе покаже дали Рамковниот договор ќе ги задоволи потребите на новото време.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска