1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ упати позитивен сигнал до Македонија

Ален Леговиќ / Зоран Јордановски24 јануари 2008

Ни во НАТО сеуште нема одлука, Македонија мора до последен момент да продолжи со реформите - му беше порачано на премиерот Никола Груевски во Брисел, каде тој во ЕУ и НАТО реферираше за реформски напредок во земјата.

https://p.dw.com/p/Cwtq
Комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен и македонскиот премиер, Никола Груевски во БриселФотографија: MIA

2008-ма е важна година за евроатлантска интеграција на Македонија, нагласи комесарот за проширување на ЕУ Оли Рен и ги истакна позитивните постигнувања во земјата: „Направени се охрабрувачки чекори како комплетирањето на судскиот совет и востановувањето на Националниот совет за европска интеграција во кој се вклучени сите партии. Исто така го поздравувам подобрувањето на политичката клима во Скопје. Главните политички актери сега се среќаваат и соработуваат врз регуларна основа, што носи резултати“.

Забрзаното темпо на реформите ја води Македонија поблиску до почеток на преговори за пристап кон Унијата. Рен обелодени: „Ако продолжи овој позитивен напредок, тогаш имам намера уште за време на словенечкото претседателство со Унијата да предложам поставување одредени репери, мерила што Македонија ќе треба да ги исполни како услов за почеток на преговорите“.

Мерилата - патоказ кон почеток на преговори за членство

Мерилата, односно клучните приоритети, според Рен, пред се’ се однесуваат на правосудството и јавната администрација. Нив Рен ќе ги објави во почетокот на март. Штом ќе бидат задоволени тие мерила и ќе се добие согласност од земјите-членки, Македонија ќе може да ги започне преговорите за пристап кон Унијата, порача Рен.

Премиерот на Македонија Никола Груевски во Брисел на ова возврати: „Не радува тоа што господинот Оли Рен кажа дека наскоро ќе ни даде таканеречен бенчмарк, што ќе биде еден вид водилка во наредните неколку месеци за полесно и побрзо доаѓање до датумот за преговори“.

Увид во она што се бара од земјата и што треба да го реализира неговата влада Груевски ќе добие од неофицијалниот документ што во Брисел му го предаде Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата Хавиер Солана. „Премиерот доби важен документ, мапа на патот. Задоволен сум што продолжува реформскиот процес и моите очекувања се многу позитивни“ - рече Солана.

Трка до последен момент и за членство во НАТО

Пофалби за спроведувањето на реформите Македонија претходно доби и од амбасадорскиот совет на НАТО, но наместо поконкретно ветување за покана за членство - само совет да продолжи така се’ до последниот момент. „Во однос на реформите има големо охрабрување и многу е направено. Ова се последни милји од трката за Букурешт. Можам само да се надевам дека ќе се најде решение и за прашањето на името“ - рече генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер.

Името не е услов, но очигледно е пречка. Настаните поврзани со Косово, пак, не влијаат врз одлуката околу приемот на нови членки, беше категоричен Шефер: „Не гледам и не сакам да видам врска меѓу можните сценарија на Косово и политиката на НАТО за врачување покани за членство“.