1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ со големи разлики пред самитот за буџетот

Кристоф Хаселбах / Елизабета Милошевска Фиданоска7 февруари 2013

Дека вториот обид да се постигне договор за буџетот на ЕУ за периодот 2014-2020 година ќе биде успешен, воопшто не е сигурно. Разликите меѓу земјите членки се големи.

https://p.dw.com/p/17ZyP
Фотографија: Fotolia

Очекувањата од самитот кој почнува денеска (07.02) се големи. Шефовите на држави или влади на ЕУ во ноември не најдоа заеднички јазик околу буџетот на Унијата за наредните седум години. Тоа беше кавга на отворена сцена. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо во говор пред Европскиот парламент ги повика владите итно да постигнат компромис: „Натамошни одлагања би биле многу лоша порака во време на кревко економско опоравување.“

Но конфликтите останаа. Дел од богатите земји членки на северот на ЕУ, меѓу нив и Германија, Холандија и Шведска, и натаму инсистираат на натамошни кратења на буџетот. Нивниот аргумент гласи - ако насекаде на национално ниво се штеди, тогаш од тоа не може да биде поштеден ниту буџетот на ЕУ. Најрадикален тогаш беше британскиот премиер Дејвид Камерон. За него обидите за компромис што ги презеде претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпој ни оддалеку не беа доволни.

Други пак, аргументот со штедењето го вратат поинаку. Поради тоа што политиката на штедење во земјите членки, а пред се‘ во слабите земји на југот, остави толку многу невработени и страдање, европскиот буџет би морало да создаде некакво порамнување. Еден од застапниците за оваа агрументација е францускиот претседател Франсоа Оланд. „Штедење да, слабеење на економијата не“, рече тој пред два дена во Европскиот парламент. Тој на своја страна го има мнозинството до европските пратеници. Шефот на пратеничката група на социјалистите во ЕП Ханес Свобода вели: „Буџетот е многу, многу мал“. Притоа, тој мисли на фактот дека ЕУ-буџетот изнесува само околу еден процент од брутодомашниот производ на ЕУ. Голем број христијански демократи ги потсетуваат своите влади од истото партиско семејство на нивните неделни говори за еврпската политика, во кои бараа повеќе европски надлежности за потоа да се спротивстават да дадат пари за тоа. Германскиот европратеник од редовите на христијанските демократи Херберт Реул, на пример, бара: „Ако се сака штедливо однесување, тогаш треба да се даде и одговор на прашањето - кои задачи да се исклучат.“ Ребека Хармс, од редовите на Зелените, пак, веќе сега е сигурна дека сите кратења ќе паднат на товар на таканаречените сфери на иднината. „Тие ќе ги погодат оние кои сакаат иноваци, кои сакаат одржлив развој, повеќе истражувања, повеќе образование, поголема инклузија на невработените млади.“

Barroso Europaparlament Haushaltsdebatte vor dem Gipfel
Жозе Мануел Барозо е сигурен дека она што ќе се договори ќе биде под она што го бара ЕКФотографија: Reuters

Двојното седиште на ЕП „поим за недомаќинско трошење“

Во ЕП има малкумина кои отворено се залагаат за штедење. Дел од нив е Мартин Каланан, шеф на конзервативците, партијата на Дејвид Камерон. Каланан бара темелно менување на размислувањето. Наместо да го зголемува буџетот, ЕУ треба подобро да го структурира и да го симне „непотребниот мрсен слој“, оценува тој. На пример, Каланан е на мислење дека добар дел од земјоделските субвенции се дел од тој „мрсен слој“. Тие сочинуваат дури 40% од буџетот. Втор пример е двојното седиште на ЕП. Еднаш месечно европските пратеници од Брисел се „селат“ во Стразбур и таму заседаваат. Тоа за Каланан е „поим за недомаќинско работење на ЕУ“.

Rotstift / Symbolbild / Haushalt
Каде ќе се крати?Фотографија: dapd

Претседателот на ЕК Барозо уште пред самитот е сигурен дека „секој компромис на шефовите на држави или влади ќе биде под она на што се надеваат Комисијата и Парламентот“. Комисијата на почетокот бараше илјада милијарди евра. Во меѓувреме се споменуваат износи од 950 до 970 милијарди. Претседателот на Советот на ЕУ Ван Ромпој, кој мора да посредува меѓу земјите членки, не без гордост нагласува: „Ова ќе биде првпат да има реални кратења споредено со претходниот буџет.“

Но дури и шефовите на држави или влади да постигнат согласност, тие може да си направат „сметка без крчмар“. „Крчмар“ е ЕП, кој треба да даде согласност за седумгодишниот буџет. Големото мнозинство на Парламентот најрадо би го проширило буџетот, исто како и Комисијата. Претседателот на ЕП Мартин Шулц вели јасно и гласно: „Колку Советот е подалеку од бројките на Комисијата, толку поголема е веројатноста Парламентот да го отфрли ваквиот компромис.“