1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ се договори – кризата надмината

19 октомври 2007

Успех на самитот на ЕУ во Лисабон: постигната согласност околу новиот договор за основите на Унијата, замена за планираниот устав. Со тоа е надмината нејзината двеиполгодишна политичка парализа.

https://p.dw.com/p/BsSR
Меркел на самитот во ЛисабонФотографија: AP

“Успеавме. Од мандатот произлезе договор и тој е вечерва усвоен. Подоцна ќе биде официјално потпишан, но вечерва ни успеа да го направиме решавачкиот политички чекор” – соопшти германскиот канцелар Ангела Меркел ноќеска во Лисабон.

Договорот треба да овозможи од 2009-та година да започне спроведувањето на повеќе од неопходните реформи на Унијата. Со новите “Лисабонски договори” ЕУ треба да реагира подемократски, побргу и поединствено на предизвици како тероризмот, економската конкуренција од Азија и Америка, како и на социјалните проблеми на своите општества.

На крајот од речиси шестгодишниот спор имаше само мали дополненија, но во основа ништо не е менувано во мандатот “формулиран на крајот од германското претседателствување” со унијата, истакна Ангела Меркел. “Во основа, никој не беше со став дека ќе дозволи целата работа да пропадне, туку беше цврсто чувството дека мораме нешто да постигнеме. На Европа добро и’ се пишува се’ додека можеме постојано наново да го будиме тој дух” – нагласи Меркел.

Реакции на учесниците са самитот

Претседавачот со ЕУ, португалскиот премиер Жозе Сократеш, постигнатата согласност ја оцени како “победа за Европа. Унијата излегува од ќорсокак” рече тој. Претседателот на Комисијата на Унијата Жозе Мануел Барозо зборуваше за “историска согласност”: “Сега Европа може да ги брани своите интереси во ерата на глобализацијата”.

Францускиот претседател Никола Саркози, кој пред 20 месеци во говор во Берлин предложи поедноставени договори како замена за предложениот устав, постигнатата согласност ја оцени како потврда на неговата европска политика. Британскиот премиер Гордон Браун најави дека договорите нема да ги стави на референдум кај скептичните негови сограѓани, туку ќе ги поднесе на одобрување во парламентот.

Новите европски договори мора да бидат ратификувани во сите земји-членки до изборите за европскиот парламент во 2009-та година. Во тешките преговори учесниците на самитот и’ излегоа во пресрет на Италија и и’ дадоа едно место повеќе во идниот намален европарламент. Во Унијата постепено се воведува таканареченото двојно мнозинство во донесувањето решенија, што во целост ќе важи од 2014-та година: за усвојување ќе бидат потребни 55 проценти од земјите-членки и 65 насто од вкупниот број жители на унијата.