ЕУ, САД и ММФ сакаат да и‘ помогнат на Украина
23 февруари 2014На маргините на средбата на Г20 во Сиднеј, еврокомесарот за економска политика Оли Рен нагласи дека ЕУ на Украина мора да и‘ понуди јасна европска перспектива: „Мора да одговориме на предизвиците на овие историски моменти“. Тој потенцира дека ЕУ е подготвена на супстанцијална финансиска поддршка, но новата украинска влада ќе мора сериозно да се зафати со институционални и економски реформи.
Американскиот министер за финансии Џејкоб Лу во Сиднеј наведе дека САД се подготвени да и‘ помогнат на Украина во реализацијата на реформите за повторно да се воспостави економската стабилност.
Претходно, Лу и неговиот руски колега Антон Силуанов разговараа за последиците од пресвртот во Украина. Лу, притоа, ја нагласил „неопходноста од стабилност и економски реформи“ во Украина.
Меѓународниот монетарен фонд својата помош за Украина ја врзува со услови. „Ако украинските власти се обратат до ММФ, било да е тоа молба за совет, или дискусии за финансиска помош, врзана за економски реформи, ние, се разбира, стоиме на располагање“, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард.
Русија, која досега го поддржуваше украинскиот претседател Јанукович, наспроти тоа, сега ја замрзнува својата финансиска помош. Русија најави дека одлуката за новата транша финансиска помош ќе ја донесе откако ќе биде формирана нова влада во Киев. „Навистина, во изминатите две недели размислувавме за купување на украински обврзници за две милијарди долари, но бидејќи политичката ситуација многу се смени, треба да сфатиме со која влада треба да соработуваме. Затоа планираме да почекаме да биде формирана нова влада и да ја видиме нејзината политика“, изјави рускиот министер за финансии Антон Силуанов.