1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Почеток на преговори со Србија до јануари

ЖА/афп/бета28 јуни 2013

Самитот на ЕУ во Брисел заврши со постигнувањето согласност за почеток на преговори за членство со Србија најдоцна до јануари 2014 година.

https://p.dw.com/p/18y4g
Фотографија: DW

Шефовите на држави или влади денеска (28.06) во Брисел дадоа зелено светло за почеток на преговорите со Србија, изјави претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпој. Преговорите треба да започнат најдоцна во јануари 2014 година.

Германскиот Бундестаг вчера при гласањето побара тие да започнат најдоцна во јануари идната година. За ова релативно подоцнежно почнување на преговорите претходно се изјасни германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, на тој начин барајќи време за набљудување на примената на Договорот за нормализација на односите, постигнат меѓу Србија и Косово. Останатите членки на ЕУ претпочитаа преговорите да започнат поскоро, а Белград посакуваше тоа да биде наесен.

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо на прес- конференција ја поздрави одлуката за одредување датум за преговори со Србија, оценувајќи дека станува збор за историски настан.

„Да се потсетиме што се случуваше неодамна во овој дел на Европа, каде што беснееше војна, а сега започнуваме преговори за членство“, истакна Барозо, заклучувајќи дека овој исчекор на Србија во евроинтеграциите е „демонстрација на привлечните сили кои ги има ЕУ“.

И еврокомесарот Штефан Филе и‘ честита на Србија за одлуката за почеток на преговори со ЕУ, а на Косово за одлуката за почеток на преговори за Спогодба за стабилизација и асоцијација.

Денеска 27-те членки на ЕУ и‘ посакаа добредојде на следната членка на УНијата, Хрватска, која официјално ќе биде примена од 1. јули. Ван Ромпој претстојниот прием го оцени за историски за Хрватска и нејзините граѓани: „Тоа значи нови можности, но и нови одговорности. Тоа значи заедничка иднина“.