1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ поделена околу данокот на финансиски трансакции

Бернд Ригерт/ Симе Недевски22 мај 2013

Данокот на финансиски трансакции во ЕУ е и натаму спорен. За него најверојатно ќе стане збор и на самитoт на европските лидери кој денеска се одржува во Брисел. Две членки на ЕУ веќе поднесоа тужби против оваа давачка.

https://p.dw.com/p/18baW
Фотографија: Bilderbox

Во областа на даночната политика во ЕУ сите одлуки мораат да бидат донесени едногласно, значи мораат да ги поддржат сите 27 земји-членки. Поради тоа расправите се често долги и без конкретни резултати. По негативните искуства со финансиската криза, 11 членки сакаат да се воведе данок за финансиски трансакции на берзите. 16 членки се против. Па сепак, има шанси за воведување нов финансиски трошок бидејќи 11-те држави поборници, на чие чело се Германија и Франција, применија еден трик: прописите на ЕУ предвидуваат можност за „зајакната соработка“ на групи членки и надвор од важечкото европско право. Затоа Европската комисија во февруари годинава предложи пропис за воведување на спорниот данок. Единствен проблем е тоа што тој нов данок не би важел во другите членки на Унијата.

City of London Sonnenaufgang
Фотографија: Getty Images

Шпекулантите треба да бидат казнети

Германската канцеларка Ангела Меркел се залага за воведување на тој данок. На денешниот состанок (22.5.) на шефови на држави или на влади на ЕУ во Брисел таа одлука навистина не е на официјалниот дневен ред, но за неа индиректно ќе стане збор. Бидејќи, ќе се расправа за даночната политика на ЕУ: за сузбивање на затајувањето на данок, банкарската тајна, даночните оази и иднината на големите финансиски центри во Унијата како што се Луксембург или Лондон. Важна улога ќе играат и различните даночни стапки кои во ЕУ важат за компаниите како и за дефиницијата за даночната основа. Сето тоа е проблематично, бидејќи државите членки се обидуваат меѓусебно да си конкурираат со атрактивните даночни модели.
Канцеларката Меркел е уверена оти е добро тоа што барем една група земји ќе воведе данок на финансиските трансакции: „Тоа е сигурно само почеток, би било подобро кога сите би учествувале. Но тоа барем ќе биде можно во рамките на засилената соработка. Германската влада ќе преземе се' што е во нејзина моќ побрзо да се завршат расправите за воведување на данокот. “ Таа во својата порака објавена на интернет-страната на германската влада објасни дека се залага за тој данок за да можат банките и шпекулантите да ги сносат трошоците за финансиската криза.

Кој ќе го плаќа данокот?

Европската комисија проценува дека приходите од данокот на финансиските трансакции во 11 држави ќе изнесуваат 30 до 35 милијарди евра годишно. Но, европскиот Сојуз на брокери предупредува оти тој данок на крајот ќе го плаќаат клиентите, а не банките. Главниот секретар на Сојузот, Марк Шпанбрек предупредува: „Трговијата драстично опаѓа. Тоа ќе ги исуши пазарите и луѓето ќе отидат на друго место да тргуваат или ќе измислат нови финансиски производи.“ Свен Гиголд, финансиски стручњак од германската Партија на зелените во Европскиот парламент, смета дека лобистите претеруваат и вели: „Цвеќето од аголот не тргува на берза, но цвеќарскиот концерн тргува. Така тој данок ќе ги погоди оние кои повеќе го користат финансискиот пазар.“
Тој истакнува дека целта на новиот данок се шпекулациите, а не нормалното тргување на берзите. Вели оти тој данок нема да го почувствуваат оние кои парите ги вложуваат долгорочно. Тоа го потврдува и Европската комисија која нагласува дека тој данок ќе функционира дури и ако не го воведат сите држави-членки.

Berlin Regierungserklaerung zur Europapolitik Demonstration Finanztransaktionssteuer
Фотографија: dapd

За што ќе се трошат парите?

Лобистите веќе со месеци меѓусебно се бомбардираат со студии кои говорат во прилог или против данокот на финансиски трансакции. Одлуката на крајот ќе мора да донесат министрите за финансии на државите-членки. Силен отпор стигнува од Велика Британија и од Луксембург. Тие две земји веќе пред Европскиот суд на правдата покренаа тужби против таквите планови. Британскиот министер за финансии, Џорџ Озборн на секој состанок се залага пред своите ресорни колеги против воведување на данокот: „Ние овде зборуваме за нешто што ќе поттисне една важна бизнис гранка од Европа.“ Тој предупредува дека глобалната конкуренција нема да го воведе тој данок, па вложувачите ќе се преселат на други финансики пазари.
Данокот на финансиски трансакции треба да биде воведен на 1. јануари 2014. година. Но многу стручњаци во Брисел сметаат оти тие планови се премногу оптимистички со оглед на тоа што 11 држави мора да се договорат околу насоките која потоа мора да бидат преточени во националните законодавства. Освен тоа, се' уште е спорно за што ќе се трошат тие нови приходи од данокот. Ќе бидат ли уплаќани во буџетот на ЕУ? Или ќе се применат за сузбивање на невработеноста меѓу младите во Европа? Или на крајот, едноставно, ќе останат во националните буџети?