1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

290409 Schweinegrippe EU

30 април 2009

Во земјите на ЕУ свински грип е утврден само во неколку случаи, но ситуацијата би можела да се промени. Затоа, министрите за здравство на ЕУ денеска (30.04.2009), на вонредна седница, ќе разговараат за проблемот.

https://p.dw.com/p/Hgpc
Секоја земја на ЕУ треба да има доволно лековиФотографија: AP

Донесување заеднички превентивни мерки за да не се случи полошо – тоа е главната задача на владите на ЕУ во врска со свинскиот грип. Затоа, министрите за здравство денеска во Луксембург на вонредна седница ќе разговараат за проблемот. Несигурноста е голема. Германската министерка за здравство, Ула Шмит, вели: „Мислам дека во моментов правиме се‘ што е можно, притоа не знаејќи како натаму ќе се шири болеста.“

Еден од начините да се спречи ширење на болеста, од што се стравува, е официјално предупредување до граѓаните да не патуваат во земјите кои се најмногу погодени од неа. Се очекува министрите во Луксембург да донесат одлука за вакво предупредување, од кое најмногу ќе биде засегнато Мексико. Франција дури сака да оди и чекор подалеку и бара привремена забрана на сите летови од Европа за Мексико.

Кој ќе ти даде лекови ако не се снабдиш навреме?

Најновите информации од Европскиот центар за превенција и контрола на болестите во Стокхолм даваат причина за загриженост. Досега се официјално потврдени 13 случаи на свински грип во земјите на ЕУ, меѓу кои е и Германија. Во 12 држави на ЕУ, меѓу нив и Данска, Шведска, Франција и Полска, веќе има сомнителни случаи на свински грип.

Österreich Schweinegrippe Kaiser Franz Josef Krankenhaus in Wien
Фотографија: AP

Во Луксембург одделните членки на ЕУ ќе обелоденат и колкави се залихите на лекови за борба против грипот и дали на дел од земјите би требало да им се помогне за да имаат доволно резерви. Пратеникот- социјалдемократ во Европскиот парламент, Ерика Ман, стравува дека земјите на Унијата се подготвени за евентуална пандемија на различен начин. Додека Германија и Велика Британија располагаат со големи залихи лекови, во други земји на ЕУ има значителен недостиг. Брисел не ги контролирал доволно залихите, а тоа би можело да доведе до значителни конфликти. Зашто, која земја би се откажала од своите лекови за спасување животи и би ги дала на друга земја која не се снабдила навреме, прашува европратеничката Ман.



Автор: Ирмтрауд Ричардсон / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Жана Ацеска