1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ очекува мирни избори на северот на Косово

ЕМФ/бета16 ноември 2013

ЕУ очекува мирен тек на повторените избори на северот на Косово, што ќе се одржат утре (17.11.). Освен тоа, се очекува и значително повисок одзив на Србите.

https://p.dw.com/p/1AIpw
Фотографија: DW

Агенцијата Бета, повикуваќи се на неименувани извори во Европската комисија, јавува дека Белград, ЕУ, но и приштинските власти посакуваат избор на Срби за градоначалници на северот на Косово, затоа што во спротивно е политички и практично неизводливо создавање на Заедница на српски општини.

Од ЕК се укажува дека и косовскиот премиер Хашим Тачи во интервјуто за британски „Гардијан“ нагласил дека учеството на косовските Срби на повторените избори во северна Митровица е „од животна важност за мировниот договор на Косово и Србија“. Тачи додал дека „Косово не е загрозено од интергацијата на Србите, туку е загрозено ако Србите не се интегрират“.

Во Брисел се истакнува дека косовската полиција, ЕУЛЕКС, а ако затреба и КФОР, утре ќе преземат благовремени и решителни мерки за да се спречат заплашувања и инциденти. На забелешката дека косовската полиција и ЕУЛЕКС реагирале неумесно и доцна и морале да ги повикаат војниците на КФОР за на 3. ноември да се спречат заплашувања и насилство, соговорниците на Бета во Брисел укажуваат на изјавата на шефот на ЕУЛЕКС, Бернд Борхарт, дека мисијата на ЕУ темелно ги „разгледала поуките“ од тие настани и подготвила јасен план за повторените избори во северна Митровица да бидат мирни и слободни.