1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ останува отворена за проширување

29 април 2009

Македонија има направено добра работа во насока на приближување кон Унијата, изјави Високиот претставник на ЕУ, Хавиер Солана по разговорите со македонскиот претседател на заминување, Бранко Црвенковски.

https://p.dw.com/p/HgUp
Бранко Црвенковски и Хавиер СоланаФотографија: Macedonian Information Agency

Заблагодарувајќи му се на Црвенковски на соработката и посакувајќи му се‘ најдобро, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана, во однос на шансите на Македонија за влез во ЕУ, рече: „Сега сте во позиција каде со уште малку напор ќе биде можно да се влезе во преговори за влез во ЕУ. Тоа е желба на мнозинството на населението во ЕУ и се надевам дека ќе стане реалност.“

Македонскиот претседател на заминување, Бранко Црвенковски, потенцираше дека Македонија се концентрира на добивањето датум за почеток на преговори за влез во ЕУ: „Точно знаеме кои се работите и критериумите што во периодот пред нас треба да ги исполниме и јас верувам дека во Македонија има и доволно политичка волја, и институционален капацитет во наредните 5-6 месеци сите тие стандарди да се исполнат, за во годишниот извештај на ЕК да стои и предлогот за почеток на преговори со Република Македонија.“

Она што за мене беше битно и што се потврди и во денешниот разговор е дека ЕУ останува отворена за проширување, пред се‘ за земјите од Западен Балкан, изјави Црвенковски во Брисел.

Околу спорот со името, првиот евро-дипломат, Солана, истакна дека проблемот и‘ создава тешкотии на земјата и додаде: „Треба да се направи напор и се надевам дека ќе се најде решение. Тоа е насока во која, се надеваме сите ќе работат. Во секој случај ние ќе продолжиме да работиме во таа насока“

Во врска со Рамковниот договор, Солана недвосмислено стави до знаење дека има работи кои се‘ уште чекаат на спроведување: „Рамковниот договор беше извонредно постигнување и треба да биде спроведен до крај. И сакам да повторам - до крај. Мислам дека има уште работи кои треба да се спроведат. Сигурен сум дека тоа ќе биде направено. “

EU, Mazedonien

Клучните одлуки се секогаш тешки

Надоврзувајќи се на ваквиот став на Солана, Црвенковски од своја страна, рече: „Клучните и најважни одлуки во историјата на еден народ и на една држава се секогаш тешки одлуки. Тешките одлуки не се донесуваат врз основа на доминантното расположение меѓу граѓаните во тој момент, туку врз основа на проценките што е најдобро за народот и за државата на подолг период.“

Затоа, рече Црвенковски „ граѓаните ги бираат свои претставници, бираат свој претседател, своја влада, свој премиер, за тие подолгорочно да ги согледуваат работите и да ја преземат одговорноста за донесување на тешки, но значајни одлуки“: „Ако во 2001-та година се поведевме од доминантото расположение кај граѓаните, без разлика дали говориме за Македонци или Албанци, политички договор немаше да биде постигнат и Охридскиот рамковен договор немаше да биде потпишан. Денес, мнозинството граѓани - и Македонци и Албанци во Македонија го поддржуваат Охридскиот рамковен договор и сметаат дека е тоа добра основа за градење на иднината. Од тие причини мислам дека и носителите на државните функции во Македонија во овој период, на ист начин, треба да ја преземат одговорноста за донесување на тешки, но значајни одлуки за иднината на државата и во однос на спорот со Грција околу името и во процесот на нашето интегрирање кон НАТО и ЕУ“, изјави Црвенковски по средбата со Високиот претсавник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана.


Автор: ТГ/ЕМФ/миа

Редактор: Жана Ацеска