1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ мора да се зафати со Русија

Инго Мантојфел / Превод: Е.М.Фиданоска29 јануари 2014

Самитот ЕУ-Русија ја покажа празнотијата на стратешкото партнерство на двете страни. На ЕУ и‘ е потребна нова политика за да се спречи нова студена војна со Русија, оценува Инго Мантојфел.

https://p.dw.com/p/1Ayof
Фотографија: Reuters

Тоа беше еден од најкусите самити ЕУ-Русија. Општа размена на мислења без поконкретни резултати, која траеше нешто повеќе од три часа. Дека од односите меѓу ЕУ и Русија во моментов не може ниту да произлезе нешто повеќе беше јасно уште пред почетокот на самитот. Претседателот на Советот на ЕУ Херман Ван Ромпој најави „отворена размена на мислења за суштината и насоките на стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Русија“.

Застарен поглед од Брисел

Причината за ваквата стагнација во европско-руските односи не лежи толку во разликите околу визниот режим или таксите за летови над Сибир, ниту пак развојот на ситуацијата во Украина е толку голема причина за тензии, туку тоа многу повеќе е последица на длабоките проблеми меѓу ЕУ и Русија.

Зашто Брисел кон Москва гледа со „застарен поглед“. Од таа перспектива се очекува Русија да се ориентира при својата модернизација кон моделот Европа и со тоа со прифаќањето на европските принципи да и‘ се приближува на ЕУ. ЕУ веројатно беше и е премногу интензивно зафатена со финансиската и должничка криза за да сфати дека рускиот претседател Владимир Путин следи нова надворешнополитичка стратегија. Така е барем од почетокот на неговиот трет мандат.

Путин ја позиционира Русија како голема сила, која во геополитичкиот натпревар има разбирање со ЕУ. И внатрешнополитичкиот курс на Путин треба да се гледа во овој контекст. Зашто откако ЕУ со години ги потсетуваше Русија и Путин на европските вредности, Путин со своите ултраконзервативни претстави за морал го заврте листот. Според него, Европа со својата наводна преголема либералност и толеранција за сексуалните малцинства е предавник на христијанско-европските вредности.

Руска Евроазиска унија версус ЕУ

За да може да опстои наспроти големите економски центри и центри на моќ - САД, ЕУ и Кина, руската надворешна политика под раководство на Путин во изминатите години се посвети засилено на пост-советскиот простор. Целта е создавање на Евроазиска унија, кон која стреми Русија, која како модел на интеграција би требало да и‘ е конкурент на ЕУ.

Ingo Mannteufel
Инго Мантојфел, автор на коментаротФотографија: DW

Токму затоа состојбата во Украина во изминатата година стануваше толку експлозивна. Во втората по големина на површина држава во Европа двата кругови на интеграција се судираат. Во Украина се одлучува судбината на Евроазиската унија кон која стреми Путин. Беше наивно од Брисел да верува дека Путин нема да ги употреби сите можности за да го запре Договорот за асоцијација на Украина со ЕУ. И беше небрежно од страна на ЕУ во еден авторитарен украински претседател да гледа партнер од доверба за ваков договор, без притоа да го земе предвид вкупниот контекст со Русија.

Прагматизам наместо конфронтација

Резултатот е не само неуспешна политика на ЕУ во однос на Украина, туку и односи со Русија со растечки тензии и недоразбирања, кои се‘ повеќе се во спротивност со прокламираната слика на едно „стратешко партнерство“. Во меѓувреме дури се множат и барањата за конфронтација со Русија поради политиката на таа земја кон Сирија, Украина и други прашања.

Но пред да избие нова студена војна, која би имала големи и невидено негативни последици за Европа и Русија, ЕУ треба да развие нова прагматична надворешна политика кон источниот сосед. ЕУ мора наново да ги дефинира стрaтешките цели за евроазискиот простор и да го прифати рускиот предизвик со Евроазиска унија. Политика, која во трката со руската Евроазиска унија ќе ги искористи и шансите за соработка со Русија, ќе биде на крајот на краиштата поуспешна од стратегија на конфронтација родена од разочарување.