1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го толерираше блокирањето на Македонија

Силвера Падори-Кленке13 јуни 2012

Не по своја вина, поради блокадата на Грција која ЕУ ја толерираше, Македонија загуби драгоцено време во интеграциите. За иднината на проширувањето и Македонија за ДВ говорат Франко Фратини и Екарт Д. Стратеншулте.

https://p.dw.com/p/15D3N
Фотографија: DW

„Сметам дека Европа не треба да го сопре процесот на проширување, кој беше успешно искуство. Европската замореност треба да се спречи, зашто сите земји еден ден ќе станат дел од Унијата“, изјави за Дојче веле Франко Фратини, поранешен министер за надворешни работи на Италија. Тој учествуваше на синоќешната (12.06.) дискусија „Повеќе Европа! Да, но како?“, на која повеќемина експери и политичари дебатираа за иднината на Унијата и еврото, но не и за проширувањето. Затоа, Дојче веле го праша Фратини: кога и каде би било местото на Македонија во таа заедничка Европа?

Franco Frattini
Франко Фратини верува дека бесконечната приказна со името многу скоро ќе заврши.Фотографија: picture-alliance /dpa

„Тука е бесконечната приказна за која силно верувам дека многу скоро ќе заврши. Македонија заслужува да се реши ова прашање и сметам дека новата грчка влада по изборите ќе има и интерес да даде свој придонес. Што се однесува до мојата земја, Италија секогаш била блиска со Македонија. Мислам дека ќе биде во состојба да продолжи да и’ помага и да има улога во премостувањето на овој нерешен проблем, да влијае врз создавање клима на доверба, па конечно Европската унија на Македонија да и’ даде и датум за почеток на пристапните пореговори“, оптимистички зборува Франко Фратини.

Сила нема ниту ЕУ, ниту кандидатките за членство

„Искрено мислам дека по приемот на Хрватска и евентуално на Исланд, ќе следи подолга пауза во проширувањето. Европската унија во моментов нема сила да издржи големо проширување, но впечаток е дека сила немаат ниту кандидатите кои претендираат за члентво “, смета професор д-р Екарт Д. Стратеншулте, директор на Европската академија Берлин, кој е многу конкретен за влијанието на спорот со името врз евроинтеграцијата на Македонија.

Gesprächskreis Europapolitik
Изгубено е драгоцено време, смета професорот Екарт Д. СтратеншултеФотографија: DW/Silvera Padori-Klenke

„За жал, поради спорот со името со Грција, Македонија изгуби драгоцено време. Според мене, времето е изгубено без вина на земјата, но факт е дека тоа е изгубено. Жално е што Грција го блокираше почетокот на пристапните преговори, но исто е интересно да се види како останатите 26 членки на ЕУ, ваквото однесување на Грција го толерираа“, заклучува Стратеншулте, според кого членките на европското семејство сесрдно не се залагале за продолжување на проширувањето, зашто во конкретнава ситуација - доколку тоа го сакале, имаале и можност да притиснат врз Грција.

Може ли Германија нешто да направи, со оглед на влијателноста на Берлин?

„Дали Германија може нешто да направи? Одговорот со сигурност би бил - ДА. Но, дали нешто ќе направи? Сметам дека нема, затоа што и на германската агенда проширувањето не е меѓу приоритетите. А, и Германците, граѓаните, критички гледаат кон проширувањето, кога се во прашање државите од Балканот. Кога би говореле за Швајцарија или Норвешка, би било подруго“, одговори за македонската програма на Дојче веле професор Екарт Д. Стратеншулте, директор на Европската академија Берлин.