1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ги продолжи анти-дампинг царините за Кина

ЖА/дв/дпа/афпд2 декември 2013

ЕУ воведува долгорочни казнени царини за соларните панели од Кина. Мерката ја договорија ЕУ-државите во Брисел, но од неа се погодени само оние „непоправливите“.

https://p.dw.com/p/1ARo1
Фотографија: picture-alliance/dpa

Двегодишните казнени царини ќе бидат во сила веќе од 6. декември. Оваа мерка ЕУ ја воведува за кинеските претпријатија кои во соларната бранша, според мислењето на Брисел, нудат соларни модули по недозволено ниски цени. Освен тоа, ЕУ сака да ги казни и производители кои профитираат од субвенциите на кинеската држава.

Уште во јуни Европската комисија донесе одлука за воведување привремени заштитни царини, но со важност од шест месеци. Сега анти-дампинг царините се продолжени на две години. Европејците ја обвинуваат Кина дека соларните модули и нивните компоненти ги извезува под цената на производство и со тоа ги истиснува европските производители од нивните домашни пазари. Со своите дампинг цени кинеските производители ги руинираа европските производители на соларни ќелии.

Конфликтот во јуни се закануваше да прерасне во трговска војна. Но, во јули беше спречена ескалација кога Кина и ЕУ се спогодија за компромисно решение. Тоа предвидува минимална цена на кинеските соларни модули од 57 центи по ват и максимален увоз од седум гигавати годишно.

Од пролонгираните заштитни царини е погодено малцинство од кинеските фирми, соопшти Европската комисија. Најголем дел од фирмите не потпаѓаат под казнените мерки, зашто се придржуваат кон условите за извоз договорени летоска. Во 2011. година Кина извезе соларни модули во вредност од 26,6 милијарди евра, од што околу 60 проценти во ЕУ. За возврат, Кина увезе соларни производи и суровини во вредност од 7,5 милијарди долари.