ЕУ воведува единствен надзор над банките
19 октомври 2012На самитот на 27. лидери на земјите-членки на ЕУ во Брисел беше постигнат договор за постепено воведување на единствениот систем за надзор над банкарскиот сектор во еврозоната во текот на 2013. година.
Постигнатиот договор на самитот е фактички компромис меѓу Германија и Франција кои досега спореа околу тоа како најдобро да се поддржи загрозениот банкарски систем во евро регионот- кој беше еден од главните причинители на должничката криза.
Франција бараше надзорот над сите 6 илјади банки во 17. земји од еврозоната да се стави под капата на едно европско тело веќе од крајот на оваа година. Но, германската канцеларка Ангела Меркел се обидуваше да го подзапре и одолжи планот, инсистирајќи дека воведувањето на надзорот не треба да се случи пребрзо затоа што „квалитетот треба да има предност пред брзината“.
Со договорената мерка истовремено се овозможува и европскиот механизам за стабилност директно да им помага на банките, нешто на што официјален Берлин исто така се противеше.
Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека е многу задоволен поради договорот.
„Добро е што вечерва се договоривме. Да се делува што е можно побрзо е најдобриот начин на контрола“, рече Оланд.
Германската канцеларка Меркел, пак, беше попретпазлива. „Најпрво мора да се усвои легалната рамка. На крајот на краиштата, не сакаме да ги разочараме пазарите“, рече Меркел.
Темата за која лидерите на Унијата треба дополнително да расправаат е германското барање за воведување на централна контрола на националните буџети. Берлин предложи зајакнување на капацитетите на европскиот комесар за монетарна политика, кој во иднина би имал право на вето над буџетите на државите членки.
Но, Франција прва ја отфрли идејата, а многу поддржувачи таа нема ниту меѓу другите земји-членки. Париз стравува од предавање на контролата врз своите финансии.
Самитот продолжува и денеска, а на агендата се повеќе економски и политички теми. Клучна сепак останува должничката криза и ефектите од неа, особено поради стравувањата дека погодените земји во јужна Европа би можеле да се соочат со растечко социјално незадоволство.
Претседателот на европскиот парламент Мартин Шулц предупреди дека екстремизмот и радикализмот би можеле да се појават како последица на очајот кој владее меѓу луѓето поради губењето на работните места и загрозената социјална инфраструктура.