1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ блиску до пауза за проширувањето

15 декември 2006

Шефовите на држави и влади на ЕУ на вчерашниот самит се изјаснија за строга контрола на процесот на проширување.Стриктните барања кои се предвидени за прием во Унијата мора целосно да бидат исполнувани и тоа важи за сите земји кандидати и потенцијални кандидати.

https://p.dw.com/p/Ac0w
Фотографија: AP

Самитот на ЕУ во Брисел започна со предупредувања од преоптоварување на Унијата.Претседателот на Европскиот парламент,Жозеп Борел на заедничката седница на шефовите на држави и влади од земјите од ЕУ потенцира дека е јасно оти во јавноста проширувањето предизвикува грижи.Претседателот на ЕК Жозе Мануел Барозо побара донесување нов консензус за проширувањето:

-На темата проширување се надевам дека е време за добра дискусија зошто ни треба тоа.А проширувањето треба да биде изведено на таков начин,што ЕУ ќе остане способна за функциинирање.

Луксембуршкиот премиер Жан Клод Јункер ја потенцира нужноста од институционални реформи пред да бидат примени нови држави:Човек мора да си ја доведе куќата во ред пред да прими нови станари,рече тој.По приемот на Бугарија и Романија на први јануари,ЕУ би требало да си дозволи пауза,најави и комесарот за проширување Оли Рен.Дури кога ќе биде усвоен нов устав или некој друг вид основен договор,со кој ќе се регулира наново донесувањето на одлуките и надлежноста на институциите,може да биде примена следната земја кандидат,Хрватска.Тоа може да трае до 2009 или 2010 година.А како ќе се одвива натамошното проширување,има различни ставови.

Велика Британија се изјасни колку што е можно побрзо да бидат примени пет или шест балкански држави во ЕУ.Франција,Австрија и другите кочат.Тие аргументираат дека најпрво треба да биде проверена во основа способноста за ново проширување.Дали ќе можат да бидат примени и Украина или Грузија,кои исто така имаат најавено аспирации за влез во европското семејство,останува нејасно.

И покрај скепсата околу ново проширување на ЕУ,финскиот премиер и претседавач со Унијата до крајот на годинава,Мати Ванханен подвлече дека тоа не значи дека се затворени вратите за земјите кандидати.Уште пред самитот,министрите за надворешни работи од земјите од ЕУ се согласија да ги прекинат делумно пристапните разговори со Турција поради спорот со Кипар.