ЕУ бара Малта да ги прифати мигрантите од товарниот брод
6 август 2013Комесарката за внатрешни работи на ЕУ Сесилија Малмстром упати барање до Малта итнo да ги прими 102-та мигранти. „Во моментов хуманитарна обврска на властите на Малта е да ги прими лицата на копно“, се вели во соопштението објавено денеска во Брисел.
Еврокомисијата имено оценува дека на прво место е грижата за безбедноста на патниците, меѓу кои има четири бремени жени, а на една жена и е потребна лекарска помош. Во соопштението на Малмстром уште се вели дека „Сега пред сѐ е важно да се спаси животот на прифатените лица“. Правниот статус би можел да биде разјаснет подоцна.
Кратко откако стигна опомената од Брисел владата во Валета соопшти дека војската на Малта испратила лекари на товарниот брод и дека однела храна и вода за бегалците. Од медицинско гледиште не било неопходно, мигрантите да мора да бидат симнати од бродот, заклучиле лекарите на војската.
Танкерот регистриран во Либерија, се наоаѓа на 24 милји од брегот на Малта. Владата во Ла Валета вчера (05.08) со воени бродови не дозволи танкерот да влезе во територијалнитe води на Малта. Владата аргументира дека бегалците биле безбедни на товарниот брод и дека се наоѓаат во меѓународни води.
Речиси 1000 африкански бегалци само во месец јули пристигнаа на Малта. Овој рекорден број го принуди премиерот Јосеф Мускат да поднесе барање за итна помош од ЕУ за нивно згрижување.